Настаните во македонското Собрание непосредно по изборот на нов спикер од страна на сегашното владејачко мнозинство, по неколкумесечна блокада на работата на законодавниот дом, што се случија за време на прес конференцијата на тогаш новото парламентарно мнозинство, на 27.04.3017 г., се сметаат за најголем тест за демократијата на државата, со што тогаш кулминареше длабоката политичка криза во земјата.

Во упадот на демонстрантите, кои со денови протестираа против изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и против таканаречената „Тиранска платформа“, меѓу кои имаше и маскирани лица, повредени беа сегашниот премиер Зоран Заев, актуелните министри Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски, Зоран Николовски и Максим Димитриевски. Повредени беа и тројца пратеници, од кои најтешко мина лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, кој подоцна беше хоспитализиран. За нападот на Села се обвинети десет лица кои се товарат за обид за убиство. Тие токму денеска, една година по „крвавиот четврток“ ќе се најдат во судница каде ќе се гледаат видео материјали и фотографии од немилите настани пред една година.

Во случувањата на 27-ми април 2017 година, лекарска помош побарале 70 граѓани и 22 полицајци.

Во врска со настаните од 27-ми април Јавното обвинителство поднесе обвинение против триесет лица, меѓу кои и против високи полициски функционети и пратеници кои се товарат дека ги отвориле вратите на Собранието со што овозможиле упад на толпата, по што се случи нападот врз политичките претставници на сегашното владејачко мнозинство. Меѓу обвинетите се и неколкумина истакнати водачи на движењето „За заедничка Македонија“.

Истрагата за случајот се уште е отворена и засега не е утврдено дали имало и кои биле нарачателите на настаните од 27-ми април 2017 година.

OhridNews