Поради истрошеност на рентген цевката, една седмица надвор од употреба е компјутерскиот томограф во Општата болница во Охрид.
Директорот на болницата д-р Горан Балевски, во изјава за OhridNews вели дека томографот бил преоптоварен, а поради енорнмно зголемениот број снимања рентген цевката, која инаку е најскапиот дел од томографот, е потрошена предвреме.
Месечно томографот во Општата болница Охрид вршеше над 600 снимања. Покрај пациенти од Охрид еден период тука доаѓаа и пациенти од целиот регион, дури и од Битола, бидејќи едно време го покривавме и тој регион поради дефект на тамошниот томограф, а истовремено вон употреба беше и томографот во болницата Св. Еразмо. За 10 месеци направени се 17.000 снимања, кои требаше да се направат во период од две години. Едноставно предвреме се потроши рентген цевката. – истакна д-р Балевски.

Во моментов пациентите ги испраќаме во Струга каде е во функција тамошниот томограф. Го известивме ресорното министерство и се надеваме дека проблемот ќе биде надминат. – додаде д-р Балевски.
Неработењето на томографот во охридската општа болница беше повод за реакција на опозициските партии. Огранокот на Левица вчера со соопштение, а ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид денеска на прес конференција, ја обвинија власта и раководните структури на градот и болницата за негрижа за пациентите, бидејќи истите сега се приморани да ги прават неопходните снимања на приватно и се оптоварени со дополнителни трошоци.
OhridNews











