Министерството за образование и наука вчера објави Конкурс за запишување на 24.196 студенти во прва година на јавните високообазовни установи во студиската 2014/2015 година. Иако средношколците од завршните години допрва треба да ги полагаат предметите од Државната матура, сепак голем дел од нив веќе одлучиле во која насока ќе го продолжат образованието.

Додека едни веќе размислуваат за напуштање на родниот крај, за други атрактивни се студиските програми кои ги нудат Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, односно Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

Информатичките технологии и програмирањето се доста профитабилни и барани на пазарот на трудот. Наместо во Скопје, мојата цел е да се запишам тука во Охрид. Програмите кои се нудат на УИНТ „Св. Апостол Павле“ се интересни, а како предност го гледам англискиот јазик, но и професорите кои доаѓаат од сите делови на светот.“ – велат дел од охридските матуранти кои веќе се имаат запознаено со студиските програми на УИНТ „Св. Апостол Павле.“

Средношколците заинтересирани за програмите на ФТУ Охрид

Неоддамна на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се одржа отворен ден за матурантите, на кој идните студенти имаа можност да се запознаат со начинот на работа на оваа високообразовна институција, да поразговараат со раководителите на студиските програми, професорите, менаџментот и членовите на студенскиот парламент. Исто така, идните академски граѓани се запознаа со новата кетеринг програма која ја нуди факултетот, пробувајќи дел од гастроносмките специјалитети кои ги приготвија студентите од оваа институција.

Како туристички град, но и во склоп на моето средно образование, мислам дека се пронаоѓам во една од програмите кои ги нуди ФТУ Охрид. Се надевам дека во новата академска година ќе бидат дел од 185-те студенти кои ќе се запишат во институцијата.“ – вели матурантска од Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.

Матурантите го напуштаат Охрид?

Традиционално, голем дел од матурантите ќе го напуштат Охрид на подолг временски период. Како најатрактивни факултети меѓу младите од градот се Економскиот, Правниот, Медицинскиот, Филолошкиот, Архитектонскиот факултет, но и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Првенствено се гледам на Медицинскиот факултет во Скопје, но се уште ни претстојат матури и приемни. Долгорочно би сакала да студирам надвор од земјава, со оглед на тоа што во регионот и Европа, медицината како наука е далеку поценета и поплатена. Сепак, времето ќе покаже што и како понатака.“ – вели матуранка која своето образование планира да го продолжи во главниот град на земјава.

100 евра на дисперзираните, 200 за редовните, 400 за останатите

Министерот Спиро Ристовски изјави дека останува одлуката на Владата донесена пред четири години, со која студентите кои ќе се запишат како редовни и ќе влезат во државната квота ќе плаќаат 200 евра годишно, редовните во квотата со кофинансирање и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра годишно, а оние што ќе се запишат на една од дисперзираните студиски програми ќе плаќаат 100 евра годишно.

Апелирам до сите идни студенти, сериозно да размислат пред да донесат одлука за избор на студиската програма. Покрај афинитетите и личното задоволство од работата, секогаш предвид да ги имаат и информациите за можностите за обезбедување соодветен работен ангажман и напредок во кариерата, кои се далеку поголеми кај техничките и природно – математичките струки, токму поради дефицитарноста на македонскиот пазар на труд.“ – изјави Ристовски.

O.T.