Едно лице е регистрирано со потврдена ХИВ/СИДА инфекција во Охрид, а 42 нови лица вкупно на територија на целата држава велат податоците заклучно со 30 Ноември 2021 година од Институтот за јавно здравје. Сите дијагностицирани лица се од машки пол. Најголем дел од случаите  во земјава се од возрасната група од 35-39 години. Во 2021 година починале  четири лица од ХИВ/СИДА.

Светскиот ден за борба против СИДА, 1 Декември,  годинава се одбележува под мотото „Крај на нееднаквостите, крај на СИДА-та“ ставајќи посебен фокус на контактите  на луѓето кои се оставени. Во рамки на борбата за превенција и борба против СИДА со повеќе активности се вклучи и Општинскиот Црвен крст од Охрид.

СИДА-та во последните две години со предимство на Ковид ја ставивме некако во сенка, но и таа болест сеуште постои. За среќа во Македонија не бележиме некоја зголемена бројка барем по оние податоци со кои располагаме, вели претседателот на Охридскиот Црвен Крст, Сашо Точков. 

Волонтерите на Црвен крст беа присутни на повеќе места низ Охрид при што ги делеа симболичните панделки со цел подигање на свеста за превенција од болеста.  Во рамки на активностите беше одржана и работилница од волонтер од Црвен Крст во О.У. Григор Прличев по иницијатива на родителите, наставниците и учениците.

Ги охрабрувам и останатите установи во оваа недела на борба против Сида од 1-7 декември да иницираат ваква активност,  ние стоиме на располагање со нашите ресурси да излеземе во пресрет, се со цел да се знае повеќе за СИДА-та за да се практикуваат начините на здрав живот и превенција од оваа болест, додава Точков. 

Околу 330 пациенти моментално примаат терапија на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Според Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“ 90 проценти од лицата кои се дијагностицирани во 2020 година, примаат анти ретровирусна терапија, додека од тие кои примаат терапија дури 94 проценти го имаат целосно потиснато вирусот во крвта, со што се прекинува можноста за натамошен пренос на инфекцијата.

 

 

К.А.