Со 117 гласови од вкупно 123-ти пратенички мандата „за“ и ниту еден против и воздржан Собранието на Република Македонија денеска донесе одлука за распуштање на актуелниот состав, јавува „Макфакс“.

Претседателот на Собранието Трајко Вељановски ја затвори седницата која имаше единствена точка на дневен ред – распуштање на парламентот, со што и официјално се најавени предвремени парламентарни избори.

Со ова се отвора можноста на 27-ми април да се оди на предвремени парламентарни избори, истиот ден кога ќе се одржува вториот круг на претседателските избори.

На почетокот од седницата пратеникот од редовите на ДУИ, Неџати Јакупи, ја образложи иницијативата за распуштање на Собранието истакнувајќи дека нивната понуда за избор на консезуален претседател не била сериозно разбрана од ниту еден политички субјект. Во своето обраќање тој истакна дека не станува збор за политичка уцена, туку предизвик, кој говори за политичка зрелост.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ во своето образложение зошто нејзината партија прифаќа избори истакна дека Македонија е демократска држава, во која демократијата ја носат граѓаните и нема поголема демократија кога тие одлучуваат.

„Има сериозна причина зошто се оди на предвремени избори. Со наближување на претседателските избори се манифестираа партиските интереси но и моноетничките интереси. Се спротивставивме на интенцијата да се намали значењето на претседателските избори. Немаме намера да поддржуваме политики за кои сметаме дека се спротивни на државните интереси. Стабилноста на институциите не смее да биде предмет за пазарење. Барањата на ДУИ за консезуален претседател не ги доживеавме како добронамерни, а за нив дознававме од медиуми. Тоа што го знаевме е дека бараат консезуален претседател за да не го добијат. Целта на ДУИ за неуспех на претседателските избори за нас е неприфатливо. Изборите за нас мора да бидат успешно спроведени и ги отфрламе барања чија цел не ни е сосема јасна. Најважно е да продолжиме на патот на државните интереси и за Уставот кој по Рамковниот договор ги исполнува стандардите на етничките заедници“, рече Бонева пред пратениците и истакна дека пратениците од ВМРО – ДПМНЕ ќе гласаат за распуштање на парламентот, а со тоа и за успешни претседателски избори.

„Жалиме што ниедна партија не е подготвена за ваков визионерски чекор. Ние веруваме дека консезуален претседател е голема идеја и дека е во интерес на земјата. Констатираме дека сé уште има долг пат до политичка зрелост во земјата. Сметаме дека сега е најдобар момент да се преземат чекори во таа насока. Но, потребни се разговори, дијалог, со помош на странските пријатели“, истакна Јакупи и додаде дека одржувањето на предвремени избори е во интерес на „унапредување на дијалогот и заживување на разговори со соседи и со ЕУ и НАТО“, истакна Јакупи.

Горан Мисовски од опозициската НСДП оцени дека со денешната седница само се завршува сценариото кое го подготвиле ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и дека Иванов сепак е кандидат за претседател на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека партијата на Али Ахмети побара датум за предвремени избори со кој ќе се обезбеди цензус на излезност.

„Има една серија ’Балкански прељубници’, каде неверствата јавно се откриваат. По шест години брак на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во договор на Ахмети и Груевски ќе го реализираат измамничкиот чин. ’Балкански прељубници’ се присутни и од една и од друга страна. Прв чин – ДУИ бара консензуален претседател и го лаже своето членство. Втор чин-ВМРО-ДПМНЕ не се согласува и Никола Груевски вели дека не прифаќа уцени за консензулаен претседател . И третиот чин – Али Ахмети дава предлог за предвремени избори со датум кој се поклопува со вториот круг на претседателските избори. Излезноста на парламентарните избори секогаш се движела во просек од 65 проценти што значи дека цензус ќе биде обезбеден што нема да е важно дали ДУИ ќе ги бојкотира изборите. ВМРО-ДПМНЕ шест години, сите закони заедно ги предлагаат и делат, сите тендери заедно ги делат. Договорот е направен поодамна – ти мене хашките предмети, јас тебе помош за сите глупости. Предизвикување вештачки кризи, контролирана нестабилност, промена на македонската историја, уништување на медиуми, грабеж на македонското богатство“, истакна Мисовски во своето обраќање.

Пратеникот од редовите на ДПА, Беким Фазлиу, денеска од собраниската говорница ја критикуваше работата на партијата на Ахмети, обвинувајќи ја дека во текот на нејзиното владеење не неправила ништо во интерес на Албанците во Македонија. Фазлиу рече дека во годините додека ДУИ е на власт се инвестирало само во средините каде што мнозинство се Македонци, но не и во албанските.

„ВМРО ДПМНЕ вработи 30 илјади Македонци во слободните економски зони. Во исто време ДУИ не вработија ниту еден Албанец. Се инвестираше само во македонските средини, а нема ниту една инвестиција во албанските средини. Нема ниту еден инвеститор во Тетово, Гостивар, Липково, Боговиње, Зајас…“, рече пратеникот на ДПА.

Наџи Џели од НДП рече дека станува збор за разоткривање на, како што рече, „Бермудскиот триаголник“ ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА. Тој нагласи дека целта е да се избере претседател на Македонија, преку одржување и на парламентарни избори, да се потврди изборот на Иванов и „неговите црвени линии“ кон Албанците.

„Единствен одговор на политиката на Груевски е партиите на Албанците да излезат со заеднички кандидати за изборите и со тоа да се добие многу поголем број на пратеници во идниот состав. За жал, свесни сме дека тоа нема да помине кај двете поголеми партии на Албанците. Но , иако сме за предвремени избори, се сомневаме во капацитетите изборите да бидат фер и да го одразат вистинскиот распоред на силите на сцената и расположението на граѓаните. Веруваме сепак, дека граѓаните ги согледаа сите ваши сценарија и дека исправно ќе гласаат“, рече Џели.

Иницијативата за распуштање на Собранието во саботата ја поднесе Демократската унија за интеграција (ДУИ), откако не беше исполнето нивното барање за консензуален кандидат за претседател на Република Македонија, а владејачката ВМРО – ДПМНЕ, но и СДСМ и НСДП прифатија одржување на предвремени парламентарни избори.

Иако ДУИ како причина за иницијативата за предвремени парламентарни избори го наведе неприфаќањето на нивниот предлог за консензуален претседателски кандидат, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека причината за иницијативата на ДУИ е барањето да добие едно од трите раководни места во државата.

„ВМРО-ДПМНЕ не подлегнува на уцени и закани. Веќе е јасно зошто бараат консензуален кандидат, за да не го добијат, и, како што отворено најавија, да одат на обид за пропаѓање на претседателските избори, а потоа да извршат притисок за промена на Уставот со цел партиите, а не граѓаните да го бираат претседателот на државата. Но, тоа не е крајната цел. Крајната цел е претпоставката дека ако ВМРО нема 62 пратеници по парламентарните избори да условат со барање за еден од тројцата – премиер, претседател на Собрание или претседател на држава да биде предложен од редовите на ДУИ“, рече Груевски на Конвенцијата за избор на претседателски кандидат минатата сабота.

Од СДСМ побараа Владата да го реши проблемот со двата различни рокови за заклучување на избирачкиот список, со почитувањето на роковите за предизборна кампања, како и со медиумското претставување и веднаш да предложи измени на Изборниот законик кој не предвидува решенија за совпаѓање на парламентарните со вториот круг претседателски избори.

OhridNews
извор:„Макфакс“