„Светската финансиска криза остава длабоки последици врз целокупната светска економија. Нејзините разорни ефекти имаат иста јачина како негативните ефекти што се случија за време на Втората светска војна“, тврди доцент доктор Климе Попоски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Тој вели дека кризата ја погодува секоја еконономска активност, па според тоа и туристичката индустрија нема да остане имуна.

„Индиректните ефекти на светската финансиска криза ќе бидат присутни и во целокупната економија на Македонија, вклучувајќи го и туризмот. Од вкупните туристички доаѓања, тука ги вбројуваме и домашните и странските туристи, од година во година имаме забележано тенденција на пораст на странските туристи, и тоа, пред се, туристи од нашите соседни земји, Србија, Бугарија, Црна Гора, Албанија и Грција“,објаснува доктор Попоски и потенцира дека кризата неповолно ќе се одрази и  врз економиите на соседните земји.

„Имајќи ги предвид последните предвидувања на Меѓународниот монетарен фонд за движењето на бруто-домашниот производ  во соседните земји каде што се  очекува намалување, а посебно драстично  ќе биде намалувањето во Србија, Бугарија и Грција, сето тоа ќе го намали и интересот на туристите од овие земји за доаѓање во Македонија“, вели Попоски.

Во однос на домашните туристи кои остваруваат туристички патувања и ноќевања во Македонија,индиректните ефекти ќе се почувствуваат многу подоцна или ќе зависат, пред се, од стагнацијата на вкупната економија во државава.

„Ако биде присутно  опаѓање на економските активности, значи, имаме затварање на компании, голем број невработени, опаѓање на реалната плата, зголемување на животните трошоци, сето тоа, негативно ќе се одрази врз домашните туристички движења“, нагласува професот доктор Климе Попоски.

Во последните три години, просечната стапка на развој на меѓународните туристички доаѓања спрема анализите коишто ги врши Светската туристичка организација на глобално ниво изнесуваат од 5 до 7 проценти.

Експертските очекувања за 2009 година се дека меѓународните туристички доаѓања на глобално ниво ќе се движат од 0 до 2 проценти, што значи дека ќе има стагнација во меѓународниот туристички промет.

А.Р.