Десното крило на политичката партија Сојуз на Египќани, со седиште во Охрид, ќе собира потписи, за Египќаните да добијат статус на посебен етникум, во Уставот на Република Македонија.  Кампањата, за собирање на потписите, според планираното, треба да започне по новогодишните празници, по што ќе се направат и напори ова прашање да се најде и на дневен ред во Собранието на Р.М.


– Се надеваме на поддршката од сите  политички субјекти во Собранието. Овој оптимизам се заснова и врз подршката која ја добивме од страна на лидерот на Нова Демократија, Имер Селмани, како и на другите помали вонпарламентарни партии, изјави Демир Далип, претседател на десното крило на Сојузот на Египќани. Тој објаснува дека иако на последниот попис немаше посебна графа за изјаснување на Египќаните, како останати, се запишале околу 3.600 граѓани од овој етникум.

Етничка идентификација на Египќаните е актуелна од  деведесеттите години, на минатиот век, но тие, до сега не успеаја да добијат статус на малцинство и да станат дел од уставната преамбула. Се смета дека причина за оваа состојба е силното лоби на Ромите и неединството  во заедницата на Египќаните. Под разни притисоци и ветувања, со години наназад, Египќаните се приклонувале кон разни политички партии, а во пописите се изјаснувале како Роми, Албанци, Турци итн.

Е.Е.