Со едноминутно молчење и навраќање кон времето кое го поминувал во клубот, неговата професионална посветеност и придонес, беше оддадена почит кон прерано починатиот нуркач Дејан Костојчиноски од Клубот за подводни дејности „Охрид“ на 4-от Македонски нуркачки конгрес со меѓународно присуство.

Д-р Горан Балевски од Kлубот за подводни дејности „Охрид“ посочи дека во чест на Костојчиноски кој имал идеја и проект за еколошко-нуркачка станица во Трпејца, ќе биде реализрана вакава станица во автокампот Љубаништа.

На крај на годинава да најавам дека успеавме да добиеме плац во автокампот Љубаништа каде што ќе направиме една еколошко-нуркачка станица која ќе го носи неговото име и на некој начин ќе се прошириме како клуб каде што ќе имаме компресор, боци за нуркање и ќе можеме да правиме еколошки акции на тој дел од езерото кај Љубаништа, Трпејца и накај Свети Наум. Тоа ми беше некако како товар што го носев бидејќи Дејан цел проект максимално професионално го имаше направено. Се надевам ќе успееме да го сработиме во 2026 година, истакна Балевски.

Воедно во обраќањето се осврна на придонесот кој Костојчиноски го имал за Клубот, како и неговата максимална посветеност.

Дејан беше како охридски ѓеврек, однадвор јак, но во душата мек. Со него изгубивме голем столб на нашиот клуб. Голема трага остави во клубот. Тоа не може никој да го избриши. Ќе живее во клубот и ќе го спомнуваме секогаш. Се надевам и дека неговите ќерки ќе станат нуркачи. Во нас имаат втор дом. Вратите на клубот им се секогаш отворени, додаде Балевски.

Во чест на Костојчиноски беше прикажан и краток филм со фотографии од нуркачки акции во кои тој учествувал.

Инаку, Дејан Костојчиноски почина во март годинава на 43 годишна возраст.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска