Асистентот во стручниот штаб во селекцијата до 21 година и поранешниот тренер на Струга Трим Лум, Александар Танчески му се приклучи во стручниот штаб на Пепи Џигероски кој го предводи тимот на Лабуништа.

Лабуништа имаше повеќе од успешна полусезона завршувајќи на втората позиција на табелата во Втората МФЛ, а со ангажманот на Танчески најавува атак на првото место и директен влез во елитното друштво. Џигероски и Танчески, како тренер и помошник соработуваа во Струга Трим Лум, а судбината ги спои во Лабуништа.

  • Особено ми е драго што ќе работам со тренерот кој ми ги отвори патиштата во тренерските води и во кој имам целосна доверба. Со заедничка работа се надевам дека ќе постигнеме големи успеси. Сакам да и се заблагодарам на управата од Лабуништа за укажаната доверба и шанса да бидам дел од нивниот клуб. – изјави Танчески.

Џигероски не го криеше задоволство од новата шанса да соработува со Танчески. – Многу ми е мило што нас ни се придружува квалификуван фудбалски стручњак и човек. Имаме се што е потребно за голем чекор напред и се надеваме дека ќе го направиме со заедничка и тимска работа.

Директорката на клубот Ивана Лескароска истакна дека се преговара со неколку играчи, а нивните имиња ќе бидат обелоденати кога ќе биде се официјално. Фудбалскиот клуб Лабуништа е еден од ретките во Македонија можеби и пошироко во кој конците ги влечи жена во случајов сопругата на фудбалерот Дејан Лескароски.

OhridNews