Една од најголемите фудбалски легенди на овие простори, Милко Ѓуровски, деновиве уживаше во убавините на Охрид. Во ексклузивно интервју за Охридњуз, поранешниот ас на „Црвена Звезда“ и „Партизан“ се присетува на славните спортски денови и неговиот историски трансфер кој ја тресеше поранешна Југославија. Ѓуровски отворено зборува за разликата помеѓу некогашниот и денешниот фудбал каде владеат парите и нема вистински идоли, за состојбата во македонскиот спорт и потребата од државна поддршка, но и за неговата длабока поврзаност со Охрид. За крај, тој искрено открива во чиј дрес би сакал да го одигра својот последен замислен натпревар.

Охридњуз: Милко, седиме во Гостилница „Боем“, а зад нас е и ваша фотографија меѓу легендите на „Црвена Звезда“. Какво е чувството денес да се погледнете на таа фотографија и да се вратите во тие години?
Милко Ѓуровски: Добро е, искрено. Како заколнат „Звездаш“, секогаш ми е мило да се вратам во тие години и ми претставува чест кога ќе се сетам со кого сè сум играл. Тоа беше остварување на детскиот сон. Кога ќе ја видам сликата од почетоците… за мене нема нешто подобро што можеше да ми се случи од тоа да играм со великаните. Мои идоли беа Дуле Савиќ и Зоран Филиповиќ. Сите сакаа да играат во „Црвена Звезда“. Неверојатно е кога сонуваш, и еден ден навистина ќе заиграш за „Звезда“. Тргнав од село Жилче, покрај Тетово, и стигнав до репрезентацијата на таа голема Југославија. Многу е емотивно. Без разлика што подоцна отидов во „Партизан“, тоа никогаш не можам да го заборавам
Охридњуз: Бевте миленик на навивачите на „Црвена Звезда“, а потоа направивте трансфер кој тогаш силно одекна – преминавте во „Партизан“. Како денес, по толку години, гледате на таа одлука и на сè што ја следеше?
Милко Ѓуровски: Мислам дека сум еден од ретките кои навиваат за „Звезда“, а го сакаат и „Партизан“. Во кариерата никогаш не сум рекол ништо лошо за „Црвена Звезда“, ниту пак некогаш ќе кажам нешто лошо против „Партизан“. Тоа беа двата најголеми клуба во Југославија и меѓу топ 10 во Европа.
Зошто заминав во „Партизан“? Тогаш веќе бев оженет, имав два сина и живеевме како потстанари. Сакав да останам во Белград, во „Звезда“. Но, на некој начин, сакав да им покажам дека можеби погрешно работеа со мене или, пак, тие едноставно сакаа да ме тргнат. Ако гледаме од оваа дистанца, очигледно имаа некои други планови и не сакаа да се борат за да ме задржат. Отидов во „Партизан“ кој беше исто така врвно организиран клуб. Било кој од тие два клуба тогаш можеше рамноправно да игра против Реал Мадрид, Барселона или Манчестер.
Охридњуз: Игравте во време кога југословенскиот фудбал создаваше големи играчи и имаше поинаква фудбалска култура. Што имаше тогашниот фудбал, а што денешниот повеќе го нема?
Милко Ѓуровски: Тогаш ние со години игравме заедно. Споменав дека идоли ми беа Дуле Савиќ и Зоран Филиповиќ. Зошто? Затоа што играа со години во клубот, јас ги следев како дете, растев со нив. Денес играчите првенствено играат за пари. Не може некој да ти биде идол ако во клубот се задржи само шест месеци.
Во наше време, на играчите од Југославија им беше забрането да одат во странство пред да наполнат 28 години. Затоа некој како Пижон, Шестиќ или Дуле Савиќ играше по 10 години во „Звезда“, и нормално беше едно дете од својата 9-та до 19-та година да ги гледа како идоли. Денес сите зборуваат само за Роналдо и Меси. Денешниот фудбал во Србија, Македонија, Словенија нема некој посебен квалитет. Се купуваат странци од послаби лиги, а фокусот е повеќе на парите отколку на градењето вистински идоли.
Охридњуз: По осамостојувањето го носевте и дресот на македонската репрезентација. Што значеше за вас да бидете дел од првите години на македонскиот репрезентативен фудбал?
Милко Ѓуровски: Мислам дека Југославија се распадна малку доцна за нашата генерација. Сите ние веќе бевме при крајот на кариерите, со по 34-35 години, а дури потоа дојдоа помладите генерации. Затоа со Македонија во тие први години не успеавме да направиме некој поголем резултат.
Сето тоа дојде подоцна, кога генерацијата предводена од Пандев се пласираше на Европско првенство. Системот денес е сосем поинаков и многу поповолен. Во наше време играш квалификации или Куп на шампиони, ќе ти падне Бенфика или Барселона со Марадона и Шустер, ќе изгубиш и испаѓаш, немаш друг поправен испит. Денес има Лига на нации, има додатни шанси и комбинации што е одлично за помалите репрезентации како Македонија да добијат поголема можност.
Охридњуз: Го следите ли денешниот македонски фудбал? Каде сме напредувале во однос на вашето време, а што сè уште ни недостига за поголем континуитет на меѓународната сцена?
Милко Ѓуровски: Има многу странци, а малку реален квалитет. Немаме идоли, а за голем резултат требаат и квалитет и пари. Гледам дека има приватни клубови кои се помагаат, како Шкендија, а го следам и Вардар каде што своевремено бев тренер. Се сеќавам и на Беласица во времето со Пандев и Стојков, извадија супер играчи.
Мислам дека државата мора многу повеќе да помага. Србија и Македонија не смеат да дозволат клубовите да пропаѓаат. Ние сме сиромашни држави, но токму затоа мора да се вложува во спортот. Еден мој пријател ме праша за Бразил, зошто таму фудбалот е толку силен? Затоа што се сиромашни, па фудбалот им е излез, но и рекреација. Луѓето одат на стадион за на час-два да ги заборават секојдневните проблеми. Истото мора да го прави и нашата држава. Мора да се вложува и да се гради инфраструктура, па ние сè уште го чекаме автопатот кон Охрид.
Охридњуз: Деновиве сте во Охрид со сопругата и пријателите. Што ве врзува за Охрид и како Милко Ѓуровски, далеку од стадионите и фудбалот, го доживува градот?
Милко Ѓуровски: Уште од мал сум го сакал Охридското Езеро – чисто е, ладно, тука е и охридската пастрмка. Се сеќавам уште од дете кога доаѓавме на екскурзии на Црн Дрим. Подоцна доаѓав со ветераните, игравме на „Билјанини Извори“, бевме и со младата репрезентација У-21 на подготовки кога Илиевски беше селектор и спиевме во воените бунгалови. Јас сум Македонец и за Охрид ме врзуваат многу емоции. Сега живеам во Словенија и ми е малку далеку, но секогаш со задоволство се враќам тука поради убавините, но пред сè поради пријателите како Гоце и убавата дружба.
Охридњуз: За крај: Кога денес би можеле да одиграте уште само еден натпревар од кариерата, кој би го избрале и зошто?
Милко Ѓуровски: Уфф. Ме изненадивте. Тешко прашање. Кога ќе размислам, би сакал да одиграм уште едно вечно дерби на Маракана, пред 50-60 илјади луѓе. Јас не сум тип што се додворува. Како заколнат „Звездаш“, би го избрал дресот на „Црвена Звезда“. Дефинитивно го сакам и „Партизан“, таму поминав четири феноменални години, навивачите беа супер со мене и ме поддржуваа. Знам дека навивачите на „Звезда“ на некој начин ми замерија за трансферот, но сепак би се одлучил да играм за „Звезда“ против „Партизан“, бидејќи во срцето сум „Звездаш“. Мислам дека сум еден од ретките кои отворено го кажуваат тоа, во срцето ги носам и црвено-белите и црно-белите бои.
Г. Момироски














