Градоначалникот Никола Бакрачески, вчера, оствари работна средба со претставници на УНЕСКО, кои се во посета на Охрид. Делегацијата на УНЕСКО ја предводи Ана Сидоренко од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, во која влегуваат и Маја Василевиќ од Меѓународната унија за конзервација на природата и Пјер Мари Трико од ИКОМОС. Претставниците на  УНЕСКО беа запознати со тековните урбани активности на локалната самоуправа, и со владините проекти кои се однесуваат на автопатското и железничко поврзување на Охрид со Скопје, информира прес службата на локалната самоуправа.

Градоначалникот Бакрачески и најблиските соработници ги презентирале тековните проекти кои ги спроведува локалната самоуправа, а кои се во функција на развојот на Охрид и регионот. Посебно било истакното значењето на владиниот проект за изградбата на автопатот кон Кичево, што според локалната самоуправа ќе има многу позитивно влијание врз развојот на туризмот. На високите гости им бил презентиран идејниот проект за градскиот кеј и плажата во Лагадин, при тоа посочувајќи дека Законот за заштита на Охрид и сите препораки за заштита на природното и културно наследство строго се спроведувале при носењето и реализација на сите градежни активности.

На средбата градоначалникот Бакрачески ја посочил грижата за колекторскиот систем како круцијален проблем за Охрид и Охридското езеро за кој треба што побрзо да се изнајде оптимално решение за негова ревитализација и обнова, за целосна и интегрална заштита.

Претставниците на УНЕСКО претходно остварија средба со директорката на Завод и Музеј Охрид Тања Паскали Бунташеска и ги разгледаа локалитетите под заштика во стариот дел на градот. Како што информираше Паскали Бунташеска експертите на УНЕСКО немале забелешка на работата и активностите кои ги презема Заводот и Музеј.

– Мислам дека многу имаме сработено последните години и не гледам причина зошто Охрид би бил ставен на црна листа на УНЕСКО. Ова е советодавна мислија,  и ќе има извештај, каков ќе биде, дали со препораки ќе видиме кога ќе го добиеме извештајот, тој ќе биде јавен и сигурно ќе имате моѓност да го прочитате сите. – изјави Тања Паскали Бунташески, директор за Завод и Музеј Охрид.

Експертите на УНЕСКО синоќа зад затворени врати имаа средба и со невладините организации.

OhridNews