Туристичките субјекти во услови на криза треба да бидат иновативни и да соработуваат повеќе меѓу себе. Ова е една од главните препораки на експертската јавност изнесени на Меѓународната конференција на тема „Услужниот сектор во услови на променливо опкружување“ што во организација на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид се одржува во х. „Метропол“ во Охрид

-Туризмот е специфична услужна стопанска дејност кој има потреба од иновативност во пристапот кон развојот и осмислувањето конкретни, специфични туристички производи. Овде многу малку се размислува на иноватицијата во туристичкиот сектор. Треба да осмислиме нешто ново во нашиот туристички настап, истакна деканот на ФТУ- Охрид, проф. Д-р Сашо Коруноски. Во услови на криза, посочи Коруноски, угостителството и туризмот се први на удар и оттаму потребно е туристичките работници да ја разгледаат можноста од поширок регионален настап на големите светски туристички пазари.


 
Според Жика Стојановиќ од Високата деловна школа од Лесковац туризмот како стопанска дејност е мошне чувствителен на кризата, но истовремено нуди и можности.

-Спроведените научни истражувања укажуваат на тоа дека добрата меѓународна соработка, добрососедската соработка и искористување на комплементарните предности можат да му помогнат на туризмот, не само да опстои, туку и да се зајакне и да даде позитивни ефекти. Релативно се мали растојанијата на овие балкански простори и можеме да се надополнуваме, но под услов политичарите тоа да ни го дозволат, рече Стојановиќ.


Слично размислува и  професорката Ксенија Водеп од Факултетот за туристички студии од Порторож, според која не треба да се стравува од кризите, затоа што според неа, секоја криза е и можност за надминување на проблемите.

Кризата не е само финансиска, туку и многу подлабока односно општествена оттаму што задира во сите диземнии на живеењето и стопанисувањето, Сметам дека само преку сорбаотка и заеднички вложувања, и тоа не само во делот на финансиите, туку и во знаења, ресурси и слично, можеме да постигнеме многу повеќе, уште повеќе доколку настапуваме организирано заеднички, отколку секоја од државите поединечно, нагласи Водеп.


На еминентниот научнент собир во Охрид учествуваат повеќе од 130 професори и експерти од универзитети и други релеватни институции од 14 држави од целиот свет. На конференцијата ќе бидат презентирани 80 одбрани научни реферати, кои потоа ќе бидат објавени во Меѓународниот зборник на трудови на светски реномираниот издавач „Elsevier“. Целта на организаторите на дводневниот собир е да придонесат во развој на науката од областа на туризмот, осигурувањето, царината и шпедицијата, безбедноста и финансиската контрола, гастрономијата, токму во услови на променливо опкружување, но и да ги сублимираат идеите и искуствата на релевантните практичари, како од земјата, така и во светски рамки.

OhridNews