Гејминг тимот ENTiTY, го освои третиот турнир оваа година. Изминатиот викенд на натпреварот во Србија што го организираше кафетеријата DEFUSE во конкуренција од 24 екипи од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, најдобриот македонски Counter-Strike состав ENTiTY го освои првото место и главната награда од 700 евра.

ENTiTY требаше да победи екипи од Србија и Босна и Херцеговина за да стигне до финалето каде што се сретна со најдобриот српски тим. Како и претходните два турнира оваа година во Србија и Косово, ENTiTY повторно не загуби ниту еден натпревар и ниту една мапа (рунда).

ENTiTY е екипа составена од 5 членови базирани во Македонија кои се натпреваруваат во видео играта Counter-Strike. Counter-Strike е една од најпопуларните видео игри и се игра повеќе од 10 години на професионално ниво. Таа е First Person Shooter (FPS) игра односно игра со пукање во прво лице. Играчите на ENTiTY се регистрирани членови на Македонската е-Спорт Федерација (МеСФ).

Тимот постои од средината на 2008-ма година и досега се постигнати значителни резултати: два пати шампиони на националните квалификации за светското првенство “World Cyber Games (WCG)”, шампиони на првите и единствени регионални квалификации на територијата на екс-Југославија за светски познатиот турнир “KODE5” и шампиони на последните два Балкански турнири во Трикала (Грција) и Белград (Србија).

OhridNews