Француската ракометна селекција е новиот Европски првак. Во финалето кое повеќе наликуваше на тренинг натпревар Франција ја совлада Данска со 41-32 (23-16).

Со фуриозниот старт избраниците на францускиот селектор Клод Онеста ја смирија атмосферата во преполната сала во Хернинг и направија предност која беше недостижна за домашниот состав до крајот на мечот.

Вината за поразот данскиот селектор ќе ја бара во голманскиот тандем Лендин – Грин, кој немаше одбрана до 15-та минута од првиот дел, а спротивната страна Омејер ги излуди ракометарите на Данска.

Со победата во финалето Франција стигна до третото европско злато додека Данска не успеа да го одбрани трофејот освоен пред две години во Србија.

Македонската репрезентација беше дел од 12-то Европско првенство во Данска и заврши на солидната десеттата позиција.

Мх.П.