Бугарскиот европратеник Кристиан Вигенин кој денеска го претставува извештајот за напредокот на Македонија пред Европскиот парламент во интервју за „Дојче веле“ на македонски јазик вели дека заменувањето на „македонскиот јазик“ со терминот „официјален“ е дел од отворените прашања на Македонија.

„Тоа е веќе прашање за кое ми е тешко да одговорам, вие знаете какви се двоумењата околу употребата на името. Мојата држава го призна уставното име на земјата, но прашањето за јазикот останува, исто како и за името на државата. И ова прашање многу брзо ќе си го најде соодветното решение. Впрочем во извештајот се споменати некои прашања, кои се‘ уште се отворени со другите соседни земји, посебно меѓу Македонија и Бугарија. Се надевам дека ќе има поголема конструктивност со поглед кон иднината и да не се концентрираме толку многу на минатото и неговите толкувања“ вели Вигенин.

Тој вели дека по изборите македонските власти нема да имаат оправдувања во однос на напредокот на преговорите за името со Грција.

„Без разлика која ќе биде владата, таа ќе има јасен мандат да работи на тоа, бидејќи понатамошното блокирање и одлагање на преговорите има негативни последици за земјата и народот и нивниот социјален и економски развој, како и за меѓуетничкиот соживот“ вели Вигенин.

Тој апелира проблемот за името да не се користи за внатрешно политички цели, односно ова прашање да биде извадено од внатрешно-политичката дебата и да би ставено како национална кауза или прашање.

При претставувањето на извештајот за Македонија, Вигенин вели дека ќе инсистира на потребата од политичка стабилност на земјата, потреба од реформи во правосудството, внатрешните работи, борбата против корупцијата, интеграцијата и смирувањето на порастот на етничките тензии.

Тој смета дека заморот за проширувањето не е присутен толку во ЕУ, колку во земјите од регионот кои се заморени од реформи, „замор поради тоа-што и да направат, нема да стигнат набрзо до членството во ЕУ“.

Вигенин не сака да биде известувач за Македонија до крајот на мандатот на ЕП и смета дека не е во ред известувачот на земја – кандидат да доаѓа од соседна земја.

„Јас немам колебање за себе си, ќе продолжам да помагам и понатаму, на таа тема работев со Зоран Талер, а и во самата Партија на европските социјалисти работам на процесот на проширување. Но сметам дека известувачот за една земја-кандидатка, не е во ред да доаѓа од соседна земја. Понекогаш може да се случи кога е потребно, известувачот да изнесува мислења кои можеби нема да им се допаѓаат на властите на соодветната земја. Во таков случај сигурно дека е можно тие критики да бидат објаснувани со националната припадност на соодветниот европратеник.

Критиките и барањата на ЕУ треба да се прифатат, иако тоа не е лесно, вели Вигенин во интервјуто за Дојче Веле.

OhridNews
извор: “Макфакс“