Европската унија (ЕУ) формално ќе побара од Европската комисија да ги вклучи обврските од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово, во преговорите за членство меѓу Белград и Брисел. Во нацрт-заклучоците, во кои Радио Слободна Европа имало увид се вели дека „Советот бара од Комисијата и високиот претставник итно да му предложат на Советот, пред крајот на јануари 2024 година, измени и дополнувања на критериумите за Поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија“.

Истите заклучоци потоа се очекува да ги потврди и Европскиот совет на самитот на европските лидери што ќе се одржи на 14 и 15 декември.
Поглавјето 35 во пристапните преговори меѓу Србија и Европската унија ги вклучува односите со Косово.
ЕУ редовно предупредува дека брзината на пристапниот процес со Србија зависи од напредокот во дијалогот за нормализација на односите.
Србија и Косово на 27 февруари постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. На 18 март во Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.
Иако Белград и Приштина не го потпишаа договорот, ниту анексот за спроведување, според изјавата на високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, договорот се смета за правно обврзувачки за двете страни.
OhridNews










