Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид добива апарат за магнетна резонанца. Апаратот, донација од ЕУ денес беше официјално предаден на болницата во присуство на eвроамбасадорот Дејвид Гир, амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп и Министерот за здравство Венко Филипче. Со донацијата, за прв пат во оваа болница ќе биде ставен во функција апаратот за магнетна резонанца кој ќе служи за пациентите од целиот регион.
Она што изби како потреба за време на оваа пандемија беше недостаток од опрема за рано дијагностицирање на болестите како и за анализа на болестите во вашата земја. Во состав на една студија која беше спроведена во текот на 2018 година се покажа дека има недостиг на апаратура за магнетна резонанца во земјата, всушност имаше само осум такви на ниво на целата држава што претставува 25 отсто помалку од ЕУ по глава на жител. Што се однесува на апаратите за компјутерска томографија се покажа дека во земјата има помалку од 40 отсто од просекот на такви машини или апарати коишто постојат во ЕУ, така да ЕУ навистина и претставува задоволство да се помогне, истакна евроамбасадорот Гир.
Тој додаде дека од самиот самиот почеток на пандемијата со Ковид-19, Европската унија има обезбедено суштествена медицинска помош со донирање опрема за лична заштита и друга медицинска опрема за државава, вклучително и над 800.000 дози на вакцини против Ковид-19 и најави дека поддршката ќе продолжи и во иднина.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, од своја страна истакна дека оваа донација е дел од позначаен проект што го спроведува ЕУ и државите- членки за подобрување на севкупната здравствена состојба во земјата.
Она што е најважно е дека испораката на оваа медицинска опрема не само што го подобрува квалитетот на третманот на болестите на самите пациенти туку и самата брзина на дијагностицирање на болестите, истакна Амбасадорот Јан Коп.
Наидовме на разбирање од ЕУ за важноста за зајакнување на здравствениот систем во делот на радиологијата поради тоа што Ковид не значи само прием и лекување на пациенти, туку и рана дијагноза, како и детектирање на пост- Ковид компликации. Успеавме да добиеме три магнетни резонанци и пет апарати за компјутерска томографија, рече Министерот за здравство Венко Филипче
Сето ова значи дека значајно се зголемува пристапот до пациентите до овие апарати. Пациентите од Охрид и од целиот регион повеќе нема да мора да патуваат ниту до Скопје ниту до Битола за да ги прават овие снимки. Освен што ќе служат за дијагноза, посебно во вака специјализирана установа како што е болницата „Св. Еразмо“, ќе може да бидат и дел превентивни програми што значи рана детекција на некој други болести и поврзани со Ковид, но и кои не се поврзани со Ковид, рече Филипче.
Покрај во Општина Охрид уште два апарати за магнетна резонанца денеска беа донирани на Општина Струмица и Општина Прилеп. ЕУ обезбеди и пет апарати за компјутерска томографија за Кавадарци, Куманово, Кичево и Гевгелија и за универзитетската клиника за пулмологија во Скопје.
K.A.















