Летото е време кое асоцира на плажа, сончање, капење, забава и одмор. OhridNews ги запраша охридските политичари, како го поминуваат летниот одмор и дали биле на летување.

Градоначалникот на Охрид д-р Никола Бакрачески исто како и минатата година не користел годишен одмор и нема да оди на летување.

-Никола Бакрачески со години нема користено годишен одмор и заради преголемиот број работни обврски и оваа како и годините пред тоа нема да оди на одмор. Единствено е можно да оди на викенд, во некоја од дестинациите во соседството, но цел одмор нема да користи и нема да патува на летување, информираа од кабинетот на Градоначалникот.

Претседателот на Општинската организација на СДСМ Томислав Тунтев вели дека летниот одмор  ќе го помине во Охрид.

-Пролетта со моето семејство бевме на едно прекрасно повеќедневно патување низ неколку европски градови, така што оваа година не планираме да одиме никаде на летување. Значи, овогодинешниот летен одмор ќе го поминам дома, во кругот на моето семејство и пријателите. Најголемиот дел од слободното време и ова лето планирам да го поминам на моето најомилено место во Охрид – на Сараиште – односно “најзеро, накоља” во месноста каде што живеам. Ние ја имаме таа среќа што сме се родиле овде и што живееме во овој прекрасен град, што изобилува со неброени убавини и потенцијали за прекрасни летни доживувања и неизмерно уживање. Се надевам дека временските услови и надлежните институции тоа и ќе ни го овозможат, изјави Тунтев.

Во Охрид ќе одмара и пратеникот во Собранитето на Република Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Сашо Василевски.

-Оваа година одморот ќе го поминам во Охрид, ќе се посветам целосно на моето семејство за да го надополнам отсуството од мојот дом, меѓу моите сограѓани, и многуте гости кои ги очекувам во текот на одморот. Најубавите охридски утра ќе ги користам за прошетки по кејот, во контакти со моите сограѓани каде ќе имам прилика за размена на идеи и забелешки. Заедно со нашиот Градоначалник планираме да се посветиме на подготовките кои Охрид и локалната самоуправа ќе ги отпочне во дел на инвестициони циклуси, инвестиции во инфраструктура и се она кое го ветивме на нашите сограѓани во изборната програма. Охрид е преубав и едниствен во светот и со сигурност во наредниот период ќе блесне со многу странски инвестиции и одлични урбани решенија, па токму затоа во периодот на одмор ќе се посветам и на овие активности, вели Василевски.

Претставникот на ВМРО-НП во Советот на општина Охрид, Јоне Станкоски исто како и претходните соговорници, планира својот летен одмор да го помине во Охрид.

-Ова лето не планираме со моето семејство да одиме на одмор надвор од Македонија. Колку што е можно годишниот одмор ќе го искористиме во посета на нашите охридски плажи или нашата најомилена во Љубаништа, а исто така и во пешачење по нашата Галичица. Во Охрид има доволно убави места каде што човек може да се прошета и да се одмори. Некој ден планираме да одиме до Претор на Преспанското Езеро во куќата на моето семејство, вели Станкоски.

Советничката на СДСМ, Оливија Пирузева Јанева кратко ни одговори дека заедно со своето семејство веќе била на летување во соседна Грција, а советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Пановски ни одговори дека летниот одмор 2014 година ќе му биде планинско -охридски.

-Планински дома, во Горна Белица каде чистиот воздух и долгите пешачења низ шумата помагаат за тотално физичко и посебно психичко ресетирање и деконтаминирање, а охридски затоа што и покрај фискалната и друга антикампања, сепак Охрид е Охрид и не треба многу зборови. Ни фали само нов генерален стратешки пристап, малку повеќе работа и реалност отколку парада и самољубие и за брзо ќе се создадат услови не само за континуиран одмор во Охрид, туку и тука да останат и пристојно да живеат наредните генерации, вели Пановски.

Прашањето „Каде ќе го поминат своето летување“ во текот на минатата седмица го испративме и до уште неколку охридски политичари, советници и пратеници но не добивме одговори.

OhridNews