На свечена седница што синоќа се одржа во големата сала на општината, градоначалникот Александар Петрески на евроамбасадото Евран Фуере му го врачи признанието почесен граѓанин на Охрид.


– Ова признание на евроамбасадорот Фуере му се доделува за големиот придонес во афирмацијата на Охрид во Европа и поддршката што од почетокот на своето доаѓање во Македонија ја дава со лично учество во бројните спортски, културни и традиционални манифестации и настани што се одржуваат во Охрид, истакна во своето обраќање, градоначалникот Петрески.


Обраќајќи се на македонски јазик, евроамбасадорот  Фуере изрази благодарност за, како што рече, укажаната чест.

– Ќе се обидам да ги одржам највисоките стандарди поставени од  оние кои пред мене биле одликувани  со слично признание. Охрид е често споменуван како скапоцен камен на круната на Балканот. Освен што е град под заштита на УНЕСКО, пред се богатото културно наследство на Охрид и топлото добредојде на неговите граѓани го прават  да биде единствен. Ќе направем се што е во моја моќ во текот на идните мои  патувања околу светот да ја промовирам посебната убавина на Охрид. Правејќи го тоа моја инспирација ќе бидат мудроста и пионерскиот дух на Свети Климент и Наум. Во песната „Охрид Охрид убав мил“ поетот за кој се вели дека бил рибар, стравува дека никогаш нема да може да се врати. Јас знам дека често и со големо задовилство ќе се враќам секогаш во Охрид, Охрид убав мил, рече Фуере.

Г. Момироски
фото: Емилио