Во 2025 година требаше да се одбележат повеќе јубилеи поврзани со црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид, едно од најзначајните духовни светилишта не само во Македонија, туку и во православието воопшто, кое се смета за зачеток на ренесансата на овие простори многу порано пред светски познатиот „татко“ на оваа уметност Џото ди Бондоне. Но како и многу работи кај нас, така и значајните датуми од историјата на Перивлепта која е и историја на Македонија беа заборавени. Освен МПЦ, на значењето на овој исклучително значаен духовен храм се осврна познатиот охридски новинар Стојан Савески кој кон крајот на минатата година ја издаде книгата „Св. Богородица Перивлепта – Св. Климент“ во која се поместени најзначајните факти за овој сакрален објект со вреден фрескоживопис, икони и артефакти со непроценлива вредност. Потврдата за тоа е Галеријата на икони која всушност е создадена од дела пронајдени во црквата Св. Богородица Перивлепта кои се сврстени меѓу највредните во светски размери. За жал, многу вредни предмети од Перивлепта се одземени од разни освојувачи и војски кои ги пустошеле градот во минатото. За неговиот најнов труд за Св. Богородица Перивлепта – Св. Климент, значењето на овој храм, историјата на создавањето на вредните фрески и икони и уметноста која извира од срцето на древниот Охрид, разговаравме со авторот Стојан Савески.
ОхридЊуз: Низа значајни јубилеи се поврзуваат со овој црковен храм, па дали тоа беше мотивот да се претставите пред јавноста со овој најнов труд за Св. Богородица Перивлепта, кај Охриѓани позната како Св. Климент?
С. Савески: Првенствено бев воден од значајните јубилеи, кои за жал поминаа – и си заминаа, без притоа достоинствено да бидат одбележани. За жал, нашиот однос кон историјата е крајно несериозен, а велат дека народ што не си го почитува минатото, тешко ќе ја гради својата иднина. Да се наоѓаше Перивлепта во некоја друга земја, 2025 година, ќе беше посветена на неа. Има и зошто! Освен МПЦ никој друг не се сети дека 1295 година од страна на Прогон Згур, најверојатно по наговор на неговата побожна жена Евдокија, како задужбина го подигнал и живописал овој храм. Значи пред точно 730 години Охрид и Македонија со Перивлепта отвораат еден нов правец во уметноста – Ренесансата, пред тоа да го стори, како што го нарекуваат – таткото на овој правец- италијанскиот уметник Giotto di Bondone.
Во 1365 година, односно пред 660 години, од страна на епископот Григориј подигнати се, најпрво северниот, а потоа и јужниот параклис, кои ги сликаат уметници од познатата охридска школа на Јован Теоријан, еден од најеминентните – локални- зографи кои твореле во тоа време.
Во 1900 година, што е точно пред 125 години, група на руски научници, со одобрение на Академијата на науките на царска Русија, доаѓаат во Македонија во научна, историска и етнографска мисија, и како што вели Н.П.Кондаков, автор на трудот насловен „Македонија“, издаден 1909 година во Санкт Петерсбург, со цел „да се воспостават такви археолошки и филолошки темели што би можеле да се користат во иднина, во решавањето на политичкото прашање на Македонија во Турската империја“. Кондаков во својот обемен труд значајно место посветил на Охрид, и на Перивлепта. Јас ќе си земам за право да кажам дека тој е „таткото“ на денешната Галерија на икони бидејќи ги открил највредните сокриени дела, ги исчистил, извршил нивна анализа и систематизирани им ги предал на тогашните црковни достоинственици со напомена дека, регистрираните 50-тината дела, се вистинско богатство на кое треба, особено, да се внимава. (Потврдата за тоа стигнува многу подоцна кога збирката на икони е претставена пред јавноста и прогласена за една од највредните во светски размери!)
И најпосле доаѓаме до 1950 година, што е 75 годишен јубилеј, кога основачот на македонското конзерваторство – Здравко Блажиќ, со своја метода (која патем била оспорувана) ги „симнал вековните наслаги“ од ѕидовите на црквата и ги „открил“ непроценливите зографски решенија на маестралните сликари Михаил и Ефтихиј, кои на покана на ктиторот Згур работеле во Перивлепта.
Можевме како град, локални и национални институции, скромно, но достоинствено да ги обележиме овие јубилеи, секако и да им посветиме должно внимание на личностите што тука ги споменуваме.

ОхридЊуз: Во трудот ги поместувате скоро сите значајни аспекти на овој уникатен сакрален објект, но што е тоа што може посебно да се истакне, или по што Перивлепта се издвојува од бројните цркви и манастири од Охрид и охридско?
С. Савески: Перивлепта е дел од светското културно наследство, и со архитектонските и со иконописните решенија, но секако врв е сликарството на Солуњаните – Михаил и Ефтихиј кои на околу 1.000 м2 донесле композиции, сцени и ликови со особености дотогаш непознати за уметноста. Стариот Комненски стил е заменет со сликарство кое Академик Ц. Грозданов ќе каже дека се истакнува со „драмската сила, динамиката и реализмот“ , а за зографите ќе каже дека се „големи уметници кои добро ги познавале филозофско-религиозните и историските идеи на своето време“.
Правејќи генерална опсервација на фрескосликарството на Перивлепта, историчарот на уметноста Милчо Георгиевски ќе истакне: „Чувството на уметниците за гестови, експресивност и драма е извонредно. Нивниот цртеж е сигурен и конзистентен, боењето е интензивно и сугестивно“.
Историските композиции „Оплакувањето над мртвиот Христос“ и „Успението на Богородица“ од страна на многу угледни византолози се оценети како врв на средновековната уметност. Овде особено сакам да го истакнам мислењето на Tania Velmans – поранешена директорка на Centre National de la Recherche Scientifique при Музејот на Лувр од Франција, која истакнува дека токму со овие фрески започнува Ренесансата во Европа.
И уште нешто: во времето кога Блажиќ ги откривал првите површини со фреските, во Охрид по друг повод, престојувал врвниот италијански конзерватор Cesare Brandi (Чезере Бранди). Според него, сите други европски земји ја усвоиле италијанската ренесанса подоцна, освен Македонија која си имала своја Ренесанса во многу елементи слична на италијанската ренесанса. По ова сите светски музеи ја ставиле Македонија на високо место по значење во средновековното византиско фрескосликарство.
ОхридЊуз: Го споменавте рускиот научник Кондаков и неговиот труд „Македонија“, издаден во царска Русија. Има ли други интересни факти поврзани со Перивлепта?
С. Савески: Покрај откривањето на големиот број на икони што припаѓале на црквата, голем дел на регистрирани дела припаѓале и на други охридски цркви, а тука биле донесени со цел да се спасат од исчезнување бидејќи Плаошкиот манастир – Св. Пантелејмон и катедралата Св. Софија, од страна на Османлиите, биле претворени во џамии. Така, Св. Богородица Перивлепта станала „Голема црква“ на славната Охридска Архиепископија.
При неговата посета на црквата еден од црковните служители му рекол дека храмот е преполн со ѓубре и дека треба добро да се исчисти. Кондаков само се потсмевнал и му рекол дека тоа „ѓубре“ во Перивлепта е од непроценлива вредност, и дека тие парчиња – артефакти – вредат илјадници, илјадници рубљи.
Кондаков за жал не можел да се запознае со фрескосликарството во централниот дел на црквата, така што се осврнува на делумно видливите решенија во двата параклиси, на иконостасот и големиот број на антиквитети како што се: плаштеницата, архиепископската митра и жезолот за кои се претпоставува дека ги носел Светиот Климент Охридски, царските двери, драперии, црковни одежди и голем број на литургиски книги и други богослужбени предмети.
Книгата сепак е драгоцена поради фасцинантната и прецизна дескрипција на големиот број на новооткриени икони. За истите повеќе детаљи има во мојот труд во делот на Иконите од Перивлепта.
ОхридЊуз: Рековте дека во Перивлепта е регистрирано непроценливо богатство. Што станало со него?
С. Савески: Да можеле некако да ја „кренат и однесат“ целата црква нашите пријатели сигурно би го сториле и тоа. Но, во неможност да го сторат истото, однесено е скоро највредното движно богатство. Само во 1916 година бугарската војска од Перивлепта отуѓила, и низ личен терор врз локалното население, украла над 80-тина артефакти, од кои дел тука ги споменавме. Крајно време е Македонија со оваа пријателска земја да започне процес на реституција со цел враќање на насилно одземеното движно богатство. И онака Бугарите тврделе дека артефактите ги зеле на „привремено чување“.
Непроценливи артефакти и стари ракописи, однесени од храмовите од територијата на денешна Македонија, има и во други земји – Србија, Грција, Русија, Полска, Италија, Ватикан, Германија, Велика Британија…
ОхридЊуз: За крај само уште едно прашање – дали културното богатство со кое располагаме е соодветно валоризирано, и ставено во функција на развој?
С. Савески: Да знаевме да направиме вистинска проценка на вредностите со кои располагаме немаше да се случи да ги заборавиме јубилеите и личностите поврзани со Перивлепта што ги споменавме на почетокот на разговорот. За жал живееме мракобесни времиња, без вредности, свет полн со кич, шунд, тривијалност…
На пример, јас да бев во некоја позиција во 2025 година Охрид ќе го прогласев за „Град на Ренесансата“, ќе организирав секој месец најмалку по еден меѓународен настан, ќе работев на воспоставување на старите релации што високите црковни достоинственици на Охридската Архиепископија ги имала со Франција, Австроунгарската монархија… Свети Наум, Света Софија, Света Богородица Перивлепта се наши референци добро познати во дворот на Луј 14, Карл 6, Рим, Ватикан… Сите тие релации можат да бидат од повеќеслојна корист за Македонија.
На крајот би сакал да Ви заблагодарам на можноста за презентација на мојот најнов труд, на отстапниот простор на порталот што веќе 20 години секојдневно пулсира со Охрид. Ја користам можноста да им се заблагодарам на сите што помогнаа оваа публикација да биде ставена на увид пред јавноста, и на Општина Охрид која што учествуваше во покривањето на дел од трошоците на печатење на двојазичната презентација на есенцијалните вредности на црквата Св. Богородица Перивлепта -Св. Климент.

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска






























