На 29-ти октомври оваа година, во 20 часот и 15 минути, поради сомнение за нелегален транспорт на огревно дрво, полициските службеници од полициската станица Струга, на регионалниот пат Струга- Дебар, во близина на ХЕЦ „Глобочица“, запреле товарно возило марка ,,МАН“ со тетовски регистарски ознаки.

– Притоа, констатирано е дека возилото, управувано од 51-годишно лице од тетовското село Желино, во кое се превезувале уште четири други лица сите од дебарското село Отишани, е натоварено со 24 метри просторни огревно дрво за кое, пријавениот не поседувал испратница или друга соодветна документација. Полициските службеници забележале дека дрвата биле обележани со жиг а по преземени мерки, пронајден е и одземен чекан со нелегален печат од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ со кои, лицето извршило нелегално обележување на дрвата, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Товарното возило, со огревното дрво e пренесенo во ЈП,,Шумско Стопанство-Струга“за понатамошна постапка.

По целосно документирање на случајот, полициската станица од Струга ќе поднесе соодветна кривична пријава.