Продолжуваат големите изненадувања во елиминациската фаза на Светското првенство во фудбал 2026, откако синоќа и ноќеска елиминирани беа две европски велесили. Мундијалот заврши за Германија и Холандија, додека Бразил со гол во судиското продолжение ја избегна сензацијата против Јапонија.

Бразил обезбеди пласман во осминафиналето со победа од 2:1 над Јапонија. Јапонците први поведоа, но „кариоките“ израмнија преку Касемиро, а победата ја донесе Габриел Мартинели со погодок во 95. минута.

Најголемото изненадување го приреди Парагвај, кој го елиминираше четирикратниот светски шампион Германија по изведување пенали. Регуларниот дел и продолженијата завршија 1:1, а Парагвај беше поуспешен во пенал-рулетот со 4:3. Германците промашија три удари од белата точка, а мечот го одбележа и поништениот гол на Германија во продолженијата по интервенција на ВАР.

Во уште една драматична пресметка, Мароко ја елиминираше Холандија, исто така по пенали. По нерешените 1:1 по 120 минути игра, Мароканците славеа со 3:2 во пенал-серијата и се пласираа меѓу 16-те најдобри репрезентации на светот.

Елиминациската програма продолжува денеска со три нови натпревари од шеснаесетфиналето. Од 19 часот ќе играат Брегот на Слоновата Коска и Норвешка, од 23 часот Франција ќе се соочи со Шведска, додека во 3 часот по полноќ по македонско време домаќинот Мексико ќе ги одмери силите со Еквадор. Победниците ќе обезбедат место во осминафиналето на Мундијалот.

OhridNews