35 социјално загрозени семејства од општина Охрид, денес, добија хуманитарни пакети донирани од фирмата Slice која во Македонија функционира веќе осум години. Како што истакна Бутринт Села од Slice, донацијата е по иницијатива на вработените, со цел да им се помогне на оние граѓани на кои помошта им е најпотребна.

– Освен што се добри работници, нашите вработени се и хумани луѓе. Ја покренавме акцијата, подоцна се вклучи и канцеларијата во Њујорк. Успехот на компаниите не се мери само преку деловните резултати, општествената одговорност на компаниите исто така е мерило за нивниот успех, изјави Села додавајќи дека фирмата ќе донира и во наредниот период.

Пакетите кои беа доделени во соработка со општинскиот Црвен крст, содржат прехранбени и производи за хигиена.

– Овде сме да покажеме уште еден позитивен пример во нашата секојдневна парктика дека заедничкото функционирање на Црвен крст и корпоративниот сектор е успешна приказна и воедно помош насочена кон ранливата категорија на население во нашата општина, рече Мимоза Ставрева од Црвен крст Охрид.

Ставрева упати апел и до сите останати фирми, зависно од можноста, да се вклучат во хуманитарните активности на Црвен крст со цел социјално загрозените семејства да добиваат ваков вид на помош почесто.

OhridNews