Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 25-годишен охриѓанец и 18-годишна девојка од село Горно Лакочереј.
– Пријавените, казненото дело го сториле на 24-ти овој месец, околу 15 часот и 30 минути, во нива лоцирана во атарот на селото Горно Лакочереј. Со намера да се стекнат со противправна имотна корист, физички го нападнале 83-годишниот дедо на девојката кој во моментот се наоѓал во хаварисано возило оставено на нивата. Откако, констатирале дека одмара на предните седишта кои биле пуштени хоризонтално и дека никој не ги гледа, охриѓанецот ја отворил левата предна врата и веднаш, со употреба на физичка сила му ги фатил рацете и со тупаница го удрил во пределот на главата. Во исто време, пријавената од левиот џеб од кошулата му одзела 19.000 денари, по што двајцата избегале оставајќи го нападнатиот со контузија на главата што како повреда, подоцна била констатирана во Општата болница во Охрид, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
По кратко време, од страна на СВР Охрид пронајден е охриѓанецот и при извршен преглед кај него забележани биле 18.600 денари во разни апоени.
OhridNews












