Осумнаесет доктори ќе бидат вработени со цел зајакнување на капацитетите на ФЗОМ во делот на одделението за мобилна и дежурна контрола, одделението за внатрешната контрола и лекарските комисии за оценка на спреченост на работа на ФЗОМ, пренесува „Макфакс“.

Како што соопштија од ФЗОМ Владата ги одобрила овие вработувања минатата недела поради констатирани неправилности во здравствените установи.

По контролите извршени минатата година, во 14 здравствени установи не бил запазен критериумот за дијагностички минимум при издавање на боледување, во седум не бил исполнет критериумот за апсолутна и релативна спреченост на работа, а во 12 здравствени установи била констатирана неуредна медицинска евиденција.

 Фондот за здравство извршил 302 контроли на боледувања при што биле констатирани неправилности кај 33 боледувања.

Поради неправилностите кај боледувањата казнети се 13 здравствени установи, додека на 20 установи им е изречена опомена за отклонување на неправилностите.

За шест здравствени установи изречена е договорна казна и во тек е административна постапка за известување, информираат од ФЗОМ. Последните вработувања се надвор од најавените 280.

OhridNews