Според информациите од Центарот за управување со кризи, при вчерашниот земјотрес, оштетени се 15 куќи во општина Дебрца. Пријавите од жителите се однесуваат на испукани ѕидови, оштетени оџаци, кровови, како и помошни простории, плевни.

Најголемиот број пријави се од селата Белчишта, Лешани и Велмеј.

Се очекува во текот на наредните 30 дена на терен да излезе комисија формирана од страна на градоначалникот на општина Дебрца која ќе треба да изврши проценка на настанатите штети, по што ќе биде изготвен елаборат за кој ќе се расправа на седница на советот на општината. Согласно законската процедура, потоа елаборатот ќе биде испратен до владата и надлежните министерства кои ќе треба да одлучат околу обесштетувањето на жителите.

Земјотресот со интензитет од 4,5 степени по Рихтер се случи во 12 часот и 17 минути. Епицентарот на потресот беше во регионот на Илинска планина, од чија западна страна се наоѓа општина Дебрца.

Освен во општина Дебрца земјотресот беше почуствуван и во охридскиот регион, Струга и Кичево.

OhridNews