Со концерт што се одржа синоќа во големата сала на Центарот за култура „Грирор Прличев“, групата „Чардак“ од Охрид одбележа 20 години од постоењето.
-Времето многу брзо помина. Групата не е во истиот состав од почетокот, кога во оригиналниот состав беа Горан Кулезаноски и Ташко Лаброски. Јас и Горан другарувавме во КУД „Гердан“ и бевме школски другари и така дојдовме до идеја да се здружиме. Тогаш бевме деца со неоформени гласови, со одредени музички знаења, но сплотени заедно растевме низ годините и дојдовме до ова ниво што сме сега. – вели Златко Јолакоски, хармоникаш во групата Чардак.
Да се биде успешен во нашата професија тука, а и надвор, подразбира добро да ја разбирате музиката, ама и да имате публика која добро ја разбира музиката, вели Златко. Низ годините групата постојано е присутна на естрадата, во познатите угостителски локали во градот, на турнеи во странство и на бројни семејни веселби.
–Голем број од гостите на концертот ни се токму луѓето на кои сме им свиреле во најубавите моменти од животот. Сите тие ни се пријатели. Сакеме да бидеме блиску до луѓето. – додава Јолакоски.
Групата ја негува македонската изворна музика, но има широк репертоар, со оглед на тоа што Охрид е туристичко место.
-Охрид е специфично место поради различните луѓе кои доаѓаат тука. Се разбира треба да знаете дел од музиката на соседите, но се трудиме да ја негуваме нашата музика, особено охридската староградска која е посебна. – вели Јолакоски.
Групата „Чардак“ зад себе има повеќе самостојни музички проекти, а во албум ќе биде преточен и концертот со кој го одбележа јубилејот.
-Секогаш им велам и на колегите, дајте нешто да снимиме, затоа што само проектот – албумот останува. Реализиравме низ овие две децении повеќе вакви проекти на кои настапуваат и наши колеги, познати естрадни уметници, кои потоа се преточуваат во носач на звук, а имаме и два самостојни албуми со авторски песни (97, 98) и подготвуваме трет, што е доказ дека сме постоеле. Мој совет до помладите колеги е да снимаат албуми, без оглед дали сега почнуваат кариера или таа е во тек, бидејќи така ќе остават трага зад себе.- истакна познатиот виолинист Џевад Рамаданоски.
Тој за себе вели дека живее живот пред и после „Чардак“, а иднината повторно ја гледа во музиката. По неговите стапки оди и неговиот син Бајрам.
– Во групата вечерва е гостин мојот син Бајрам Рамаданоски. После дваесет години можеби тој ќе има бенд каде јас ќе настапаувам како гостин. Целите и плановите ми се долгорочни, како денеска да почнувам кариера, едноставно музиката е мојот живот. – додава Рамаданоски.
На концертот „Чардак“ изведе дел од познатиот репертоар кој групата го гради изминатите две децении. Гости на вечерта беа познатите естрадни уметници: Наум Петрески, Елена Велевска и Татјана Стефановска, а на оркестарот се придружија инструменталистите Митко Бежаноски, Симе Нелоски, Бајрам Рамаданоски и Фадил Исмаилоски.
Концертот имаше хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат донирани на семејството на малата Мила Димоска која боледува од дистрофија.
Г.М.
Фото Михаил Постоловски




























