Во предвечерието на големиот празник Св. Климент Охридски, патронот на Охрид и на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, синоќа, во древниот духовен храм Св. Софија во Охрид, со мултумедијален проект насловен „Спокоен сум ко врвот…не прашувам зошто сум се извишил“, во рамки на фестивалот „Охридско лето“, беше одбележан јубилејот 30-години творештво на познатиот ликовен уметник и поет, д-р Драган Спасески Охридски. Воедно, се одбележаа 30 години од првата негова самостојна изложба што се случи во 1989 година, кога Спасески Охридски го изработи првиот мултимедијален проект во Македонија „Апокалиптичен нарцис“.

За творештвото на Драган Охридски говореше проф. д-р Кристина Николоска, а стихови од поезијата на уметникот и поет читаше актерот Димитрие Доксевски.

„Спокоен сум ко врвот…не прашувам зошто сум се извишил“, ќе рече уметникот и спокојно ќе извиши на врвот, Спокоен сум ќе ја наслови својата хаику поезија, Спокоен сум ќе го наслови мултимедијалниот проект во чест на три децении творештво, Спокоен сум ќе одекнува во овој храм божји во предвечерјето на големиот празник Св. Климент. Спокоен и возвишен е поетот кој ниту себеси се прашува ниту друг прашува зошто воопшто се извишил. Неговото творештво е како највозвишено извишување, како златорог, со голем опус поезија, хаиуку, сликарство, дизајн, но и редизајн. Трите децении творештво на Охридски имаат голема симболика, а оваа раскошна колекција слики е потврда на неговата уметничка зрелост и големина. – истакна во обраќањето проф. Николоска.

Уметноста постои само во оној миг кога ќе биде слушната или видена, таа почнува да го живее животот во оној момент кога ќе биде препознаена, рече славеникот Драган Охридски.

Уметноста никогаш не престанува, а за среќа јас сум дел од броевите што се одбираат за игра со луѓето. 30 години е одредена бројка, десет книги не знам колку мултимедијални проекти, прегледани пациенти, оперирани… Овој изминат период беше макотрпен, период исполнет со отсуство од семејството да му се посветам на еден имагинарен свет  во којшто верувам и којшто имате вие прилика оваа вечер да го видите. Тоа е еден пресек од моето целокупно творештво, од сите мултимедијални проекти кои ги работам од 1979 година. До сега сите мултимедијални проекти биле поврзани со ликовна уметност, збирка поезија, понекогаш со ентериерни уредувања, со филм кој МРТВ го снимила за мене, така да овој проект за моето триесетгодишно раотење и посветување на уметноста е еден дел од алката којашто сакам понатаму да продолжи. – истакна д-р Драган Спасески Охридски.

Вториот дел од мултимедијалниот проект со кој се одбележа 30-годишниот јубилеј на уметникот Драган Спасески Охридски,  се одржа на терасата „Аквариус“, каде исто така беше презентирано дел од неговото творештво, „Охридските ангели“, компјутерска графика. Настанот го збогати бендот „Кукузел“, млади уметници кои се занимаваат со музика.

Уметникот Драган Спасески Охридски е роден во 1960 година и по професија е доктор-специјалист ортопедски хирург. До сега реализирал повеќе мултимедијални проекти и се смета за еден од најсестраните уметници и интелектуалци во Охрид.

Г.М.
Фото: А. Момироска