Нема ништо повесело од плоштад исполнет со среќни и насмеани деца. Така е на централниот плоштад во Охрид веќе 11 години, колку што се одржува традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“. Општинската организација на Црвен крст и Стоматолошкиот центар Д-р Баткоски во соработка со Аптеки „Виа Фарм“, денеска повторно на најмладите им приредија ден за паметење исполнет со многу забава, спортски, културни и едукативни содржини на највеселиот плоштад во Охрид.

Многу сме среќни што во толку голем број нашите сограѓани дојдоа со нивните дечиња да се забавуваат на традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“. Има повеќе дисциплини каде што можат да се натпреваруваат децата и да освојат награди. Со поддршка на нашиот традиционален партнер, Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ приредивме една убава забава за сите деца овде, со куклена претстава, со пантомимичари, штулари и многу вредни награди обезбедени од нивните помагатели и спонзори. – изјави Мимоза Ставрова, секретар на Црвен крст Охрид.

Сите учесници на манифестацијата треба да ги чуваат талоните, односно учеснички броеви, затоа што ќе следи големото извлекување на наградите во месец октомври. Подготвени се вредни награди меѓу кои зимување на Златибор, престој во Суботица, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, потсети Ставрева.

Стоматолошниот центар „Д-р Баткоски“, несебично ја поддржува манифестацијата „За посреќно детство“, која веќе е препознатлив белег на градот.

Тоа што оваа традиција трае единаесет години покажува дека настанот е веќе етаблиран, а интересот за неа и начинот на кој најмладите ја доживуваат е најдобра потврда дека таа ќе трае уште долго. – вели д-р Небојша Баткоски од Стоматолошниот центар „Д-р Баткоски“.

Според д-р Баткоски, ваквите настани на кои се промовираат здрави животни навики, позитивно влијаaт на свеста на најмладите за грижа за оралното здравје.

Преку оваа манифестација всушност ја подигаме свеста кај најмладите и ги поттикнуваме родителите да обраќаат внимание на своите деца за значењето на оралното здравје, што секако тие и го прават тоа. Делиме четки за заби, им објаснуваме на дечињата како правилно да ги четкаат забите, едуцираме и советуваме, се со цел нашите најмлади да имаат здрави и убави запчиња. – додава Д-р Небојша Баткоски.

Во рамки на настанот се одражаа трки и други спортски натпревари, а манифестацијата беше збогатена и со бројни културни, забавни и едукативни содржини. Помагателите на манифестацијата: Аптеки Виа Фарм заедно со Алкалоид АД Скопје и Амикус фарма Македонија, ресторан Виа Игнација Вевчани и “Curaprox” подготвија бројни изненадувања за децата. Настанот е поддржан и од Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ и Сојузот на училишен спорт.

OhridNews
Фото: А. Момироска