Биењето на камбаните во храмовите на Македонската православна црква, точно на полноќ, ја најавија радосната вест за воскресението Христово.
фото: Горан Момироски
Илјадници верници ги посетија црквите и манастирите во Охрид, а најмасовно Велигден беше одбележан во Свети Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник, каде со празничната богослужба чиноначалствуваше митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј кој им ги честита Велигденските празници на бројните верници.
Пред верниците беше прочитано Велигденското послание на Поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, во кое тој повикува на мир, љубов и толеранција и на чување на верата.
фото: Емил Јовановиќ
Свечено беше и во црквата Св. Богородица во Каменско, каде заедно со верниците Велигден го дочека градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески. Тој упати честитка до сите граѓани од христијанска вероисповед, во која посакува добро здравје, благосостојба и духовна радост.
фото: Зоран Радески
-Празнувањето на Воскресението Христово- Велигден, нека ни носи нова радост,среќа и бериќет, нека ни дава сила да се справиме со искушенијата, да се почитуваме и да ја градиме подобрата иднина. – истакна во велигденската честитка на градоначалникот Никола Бакрачески.
Велигденска миса вечерва се одржа и во католичката црква „Св. Бенедикт и Св. Кирил и Св.Методиј“ во Охрид.
Велигден во Охрид го дочекаа и голем број гости од земјава и соседството.
OhridNews
Фото: Горан Момироски, Емил Јовановиќ, Зоран Радески

























