По 23 ти пат Фото клубот од Охрид во НУЦК Григор Прличев ја отвори традиционалната изложба на фотографии по повод Св. Климент. Оваа година, на изложбата 12 автори преку 50 фотографии ги истакнаа поединечните впечатоци во една целина наречена фотографија. Фотографијата добива повластен статус меѓу уметниците, бидејќи најдиректно ја копира реалноста при создавањето на сите други уметности. Љубовта кон забележување на моментот и изразување преку фотографското око е поголема од проблемите со кои се соочува Фото Клубот од Охрид, една од поголемите потешкотии е тоа што немаат просторија во која членовите ќе се собираат, едуцираат и творат.

Традицијата продолжува и во овие тешки времиња на пандемија, меѓутоа љубовта кон фотографијата и фотографската уметност беше појака од сите проблеми со кои се соочуваме. Доколку не се забележи моментот, сликата неповратно се губи, исчезнува засекогаш, неприметена, заборавена.  Затоа ние членовите на Фото клуб Охрид ви доловуваме моменти од време кое минува, пред вас се 50 заробени моменти, запрени движења, погледи и емоции. Но, пред вас стојат уште многу мигови кои треба да се забележат со вашите фото апарати. За тоа ни треба поддршка како публика и како институции за да продолжиме со работа во подобри услови и подмладување на клубот. За успехот на клубот сведочат и голем број изложби кои добиваат награди и признанија, истакна Димче Коруноски претседател на Фото клубот од Охрид.

23 години зад себе имаме една историја. На оваа изложба се застапени најразлични теми што на изложбата и дава еден посебен шмек и ги открива тајните на одредени автори,истакна Ѓоко Симјаноски кој речиси една деценија е член на Фото клубот Охрид, потенцирајќи го најгорливиот проблем на клубот, немањето простор.

Со години наназад потенцираме едно нешто што му недостига на Фото Клубот, а тоа е  една просторија во која што ќе можеме да ја пишуваме сегашната и да ја оставиме историјата на идните генерации на Фото клубот. За жал се среќаваме еднаш годишно во рамки на оваа изложба, доколку би имале простор, сигурно би се направиле повеќе изложби на посебни автори, ние сакаме да имаме простор во кој ќе ги едуцираме и ќе привлекуваме млади љубители на фотографија, истакна Симјаноски.

Изложбата ја посети и Градоначалникот Пецаков кој е согласен дека е потребен простор во кој уметниците ќе ја изразуваат својата уметност. Пецаков потенцираше дека Општината треба да биде партнер и да излезе во пресрет.

Им честитам за истрајноста и за продолжувањето на традицијата на Фото клубот Охрид кои 23 години ја прават оваа изложба во која охриѓани се насладуваат на фотографиите кои се направени како композиција и емоциите кои ги издаваат токму на денот на Свети Климент- патронот на градот Охрид. Би истакнал дека Општина Охрид во најмала рака треба да биде партнер во начинот на којшто тие се изразуваат не само за вакви изложби, туку за сите изложби, истакна Градоначалникот Пецаков. 

Од Фото Клубот Охрид најавуваат дека ќе продолжат да работат понатаму со нови искуства, нови млади талентирани членови, нов ентузијазам и нова надеж за подобри услови за работа.