Фудбалерите на Лабуништа се искачија на врвот од табелата во Втората македонска фудбалска лига-запад, откако на домашен терен во рамките од 12-та рунда со 2-0 ја совладаа екипата на Скопје.

„Белите“ со триумфот им вратија на „пиратите“ за поразот (6-0) од првата етапа и ја зграпчија шанса за лидерското место во второлигашката конкуренција.

Домашните фудбалери со неколку прилики во серија го отворија мечот и наговестија атак на трите бодови. Благодарание на расположениот гостински голман Христијан Стевковски публиката на Градскиот стадион во Струга не виде погодок на почетокот од натпреварот.

Во 22-та минута Лабуништа поведе со 1-0. Комбинацијата на Игор Клечкароски и Бојан Спиркоски со погодок ја круниса Миџен Шерифи кој го погоди подалечниот агол од голот на Стевковски за водство.

Водечкиот погодок им даде крилја на домаќините кои почнаа уште пожестокот да напаѓаат. Обрачот пред голот на Скопје се стегаше, а потесната одбрана беше таа која го чуваше гостинскиот состав на еден погодок негатива.

Бедемот не издржа до крајот на полувремето. Акцијата за вториот погодок започна од голманот Мисерловски кој го проигра Клечкароски, офанзивецот го „исфрли“ во празна Спироски кој прво го мина голманот и ја затресе мрежата.

Водството на полувреме им дозволи во вториот дел да се повлечат домашните фудбалери и да ја бранат предноста. Скопјани од прекини бараа шанса за намалување на негативата и враќање во игра. Мисерловски успеа да скроти два слободни удари, а одбрана не попушти во ниту еден монент и Лабуништа заслужено ги освои бодовите кои ја лансираа на врвот.

Пред почетотокот на мечот фудбалерите од двете екипи со пароли со поддршка ги поздравија Сара и Амина кои ја водат најважната битка во животот. Лабуништа приходот од билетите ќе го подели и уплати на сметките од двете семејства.

Во следните две рунди од Втората лига, Лабуништа улогата на лидер ќе ја брани против Генч Калемлер односно Гоблен Јуниор.

Мх.П.