Уникатни, креативни и одлично расположени, вевчанци и оваа година го оправдаа епитетот највесели василичари. Ова мало место со голем дух со векови ја дочекува Старата нова година на препознатлив начин со дефиле под маски, а во поново време преку маските на инвентивен начин се исмејуваат актуелните случувања во земјата и светот.

На најпознатата театарска сцена под отворено небо, денеска продефилираа стотици маски од горно и долно маало. Покрај традиционалните зет и невеста, глупавиот август и музичарите тука беа разни индивидуални и групни маски, меѓу кои беа Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Боки 13, Заев, Мицкоски, Трамп, Макрон, жолтите елеци, пожарите во Австралиј, познати филмски ликови, разни митски суштества и креатури…

Карневалот го следеа голем број посетители од земјава и странство, меѓу кои и политичари и претставници на дипломатскиот кор. Вевчанскиот карневал, традиционало, вечерва продолжува со посета на маскираните василичари oд куќа на куќа, и на познатите извори по полноќ. Забавата вечерва од 21 часот ќе ја надополнат македонските музички фолк ѕвезди Дамјан Стојановски, Татијана Стојановска, а на полноќ со традиционален огномет и трубачи ќе биде дочекана Старата нова година.

Вевчанскиот карневал завршува утре на пладне со оро сред село и палење на маските.

OhridNews
фото: Емил Јовановиќ