Петнаесеттина теренски возилали зедоа учество на планинското рели околу Охридското Езеро, што викендов го организираше охридскиот „Off road club“.

Тие минаа повеќе од четириесет километри низ прекрасните планински предели почнувајќи од Скребатно преку Асанџура, Велестово, завршувајќи во Охрид.

Учесниците се натпреваруваа во вешто возење совладувајќи земјени препреки, снег и мраз.

Гости на охридскиот клуб беа членови на „Off road“ клубот од Кичево. Тие прв пат го возеа овој терен, за кој велат дека има извонреден потенцијал и нуди незаборавно уживање во преубавата планинска природа околу Охридското Езеро.

„Off road“ клубот од Охрид следната пролет планира да организира меѓународен рели натпревар на кој ќе бидат поканети околу двесте учесници од целиот регион кои ќе имаат можност да се запознаат со убавините на Галичица, што ќе биде можност за промоција на потенцијалите за развој на овој вид алтернативен туризам во Охрид.

Фото: Емилио