ООУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец доби современа спортска сала. Во рамки на новата спортска сала со површина од 592 квадратни опфатени се современо повеќенаменско игралиште, соблекувални и придружни простории.


По 30 години исчекување, конечно успеваме да изградиме сопствена спортска сала. Простор кој претставува исполнување на долгогодишна потреба и голема желба за многу генерација. Реализацијата на ваков проект се очекуваше долго време и затоа денешниот ден има особено значење за сите нас. Со ова свечено отворање ја ставаме салата во функција и создаваме подобри услови за спорт, развој и напредок на нашите ученици, рече во обраќањето пред присутните директорот на ООУ „Ванчо Николески“, Сашо Климоски.
Посочи дека спортската сала е изградена со финансиски средства на државата и општината, а во донесувањето на одлуката за нејзината изградба учествувале и централната и локалната власт, за што изрази благодарност за сите што ја препознале важноста на потребата и овозможиле училиштето да добие услови какви што оддамна заслужува.
За нашите ученици, оваа сала ќе биде многу повеќе од простор за спорт. Таа ќе биде место каде ќе се развиваат здрави навики, дисциплина, истрајност, спортски дух и почит. Тука ќе се создаваат нови успеси, нови спомени и нови можности за правилен раст и развој. За нашето училиште, ова е голем чекор напред. Со оваа сала добивме подобри услови за настава и спортски активности во поквалитетен воспитно-образовен процес. Но, ова е и простор во кој нашите деца ќе растат посилни и посреќни. Нека оваа спортска сала биде место исполнето со радост, фер игра, другарство и успеси. Нека им служи на сегашните и на идните генерации ученици и нека биде симбол на вложувањето во децата и во идните генерации, додаде Климоски.
На градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков во знак на благодарност за неговиот придонес, посветеност и вложеност во реализиацијата на проектот му беше доделена плакета.
После неколку години решавање на имотно-правните односи, документацијата, одобрение за градба ја гледаме реализацијата на даденото ветување. Вложувањето во спортската инфраструктура за нас како локална самоуправа е еден од приоритетите. Во иднина се во план и други спортски сали, објекти, мултифункционални игралишта коишто се исклучиво за подобрување на психофизичкиот развој на децата и нивниот правилен развој и пат секако во животот. Ова нека биде поттик за добивање на квалитетни спортисти во повеќе спортови, додаде Пецаков.

Инаку, инвестицијата е вредна 29.850.893 денари од кои 20 милиони денари се обезбедени од Владата, а 9.850.893 денари од буџетот на Општина Охрид.
Фото галерија:
ООУ „Ванчо Николески“ доби современа спортска сала
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска






















































