На пригодна свеченост во НУ Библиотека „Григор Прличев“ по неколку месечна адаптација денес во присуство на бројни гости, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Геориј, директори на национални и локални библиотеки, вљубеници во пишаниот збор, симболично беше отворена обновената „Прличева одаја“.

Обновениот мултифункционален простор како и досега и во иднина ќе биде место за промоции на книги и други настани сврзани со културата, но и секојдневието на граѓаните.

Директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Христина Трпеска, пред присутните посочи дека после неколку месеци организирана, но макотрпна работа, со финансиска помош на Министерството за култура и туризам и проект преку Општина Охрид успеале од корен да го променат ликот на стожерот на културните збиднувања во Библиотеката – Прличевата одаја.

Кога се има визија и поставена цел, сите препреки се решливи, а ги имаше многу. Годинава за првпат нашата НУ Библиотека „Григор Прличев” работи по новиот начин на финансирање, така наречениот модел на делегиран буџет. Ресорното министерство ја препозна нашата агилност и посветеност и за 45 проекти кои ги понудивме уште лани одвои близу два милиони денари за нивна реализација. Дури деведесет проценти од проектите веќе се заокружени. Тој буџет се трудиме умно и домаќински да го трошиме за проекти кои навистина го заслужуваат тоа и ја прават библиотеката катче и крвоток на градот, отворена за сите. Посебна сум горда и во овој миг ги поздравувам дел од поранешните директори на нашата НУ Библиотека и претставници на нивните семејства кои несебично помогнаа во заокружувањето и поставувањето на нивните портрети, големиот Втор Хомер токму во просторијата на нашиот заеднички патрон Прличев, рече Трпеска.

М-р Милчо Јованоски, виш библиотекар, автор на каталогот за „Пчињското евангелие“ и носител на проектот за изработка на видео материјалот, истакна дека обновената Прличева одаја блеска во нов сјај, додавајќи дека неколку функции во едно се содржани во оваа за жал мала квадратура, но, со големо срце кое чука со ритамот на книгите како вечен извор на знаењето и прогресот.

Во неа умешно е вграден и континуитетот на Библиотеката од изработената реплика на најстариот ракопис сопственост на установата Пчињското евангелие од крајот на XVI век, преку дел од оставината на Прличев, портретите на сите 17 досегашни директори на Библиотеката од 1945 година до денес, како и фотографии од старите објекти во кои функционираше Библиотеката и фотографии од Охрид кои будат посебна носталгија, потенцираше Јованоски.

Во рамки на настанот беше промовиран и новиот Каталог за Пчињското евангелие печатен на четири јазици, како и видеото за евангелието синхронизирано на пет јазици.

Со обновената „Прличева одаја“ охридската Библиотека се вклучува во развој на културниот туризам и се впишува на мапата на објекти кои имаат нешто значајно и неодминливо за туристите.

Фото галерија:

Отворена обновената „Прличева одаја“, збогатена понудата за развој на културниот туризам

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска