На празникот Петровден, Ансамбл „Билјана“ на охриѓани и посетителите им приреди уште една незаборавна пловидба на Охридското Езеро со звуците на убавата староградска музика. Настанот насловен како „Ој љубов, љубов“, го означи почетокот на Алернативното културно лето, што го организира Културолошката Иницијатива „5 до 12“.

Не случајно годинава програмата на Културолошка иницијатива 5 до 12 – Охрид, официјално ја отвораме со овој настан, со пријателите Ансамбл Билјана, и тоа на Петровден, во чија конотација има многу аспекти и тежина, традиција итн. Ансамбл Билјана се олицетворение на сè она што е охридско, она што е традиција, култура и историја. Нивното одличје е староградскиот звук и песна, а пак тие се одличјето на Охрид, со кое градот треба вечно да биде благодарен на приказна која ја носи и негува старгорадската песна нешто повеќе од 60 години. – велат од КИ „5 ДО 12“.

Настанот зрачеше со позитивна енергија која го исполни секој добронамерник кој со некакво пловило се придружи на веселата флота, но и бројните минувачи кои запеаја заедно со „Билјана“. Овој настан е пример како се сака и почитува нашата културна историја и наследство и како искрено се чуваат вредностите на Охрид.

Г.М.
Фото: А. Момироска