Во манастирот „Св. Наум“ на јужниот брег на Охридското Езеро денеска владее празнична атмосфера. Голем број верници од Охрид, регионот и од други места во земјата пристигнаа да се поклонат пред гробот на Св. Наум Охридски Чудотворец, еден од најпочитуваните светители во православната традиција.

Празникот, познат како летен Св. Наум, и годинава ги собра верниците уште во текот на ноќта спроти празникот.

Со молитва, запалени свеќи и тивко поклонување пред гробот на светителот, тие ја продолжија вековната традиција што го прави манастирот едно од најзначајните духовни средишта на охридскиот крај.

Св. Наум, заедно со Св. Климент Охридски, бил ученик на светите браќа Кирил и Методиј и еден од втемелувачите на Охридската книжевна школа. На јужниот дел од Охридското Езеро го изградил манастирот каде го продолжил своето просветителско дело, а во народното предание останал запаметен и како исцелител и чудотворец.

Светителот се упокоил во 910 година, а неговиот гроб се наоѓа во манастирската црква. Верниците веруваат дека поклонувањето пред неговите мошти носи здравје, душевен мир и спокој.

Почитта кон Св. Наум одамна ги надминува верските и етничките граници, па во манастирот со особена почит доаѓаат и луѓе од други вероисповеди.

Фотографиите од денешниот празник сведочат за силната врска што народот ја негува со големиот охридски светител и со неговиот манастир, место каде духовноста, традицијата и природната убавина на Охридското Езеро се спојуваат во единствен амбиент.

 

Празнична атмосфера во Св. Наум

Фото: Горан Момироски