„Приказни раскажани преку уметност“ е изложба која ја слави уметноста на деца со аутистичен спектар. Сликите, кои денес беа претставени пред охридската јавност, се дело на младите уметници Јана Иванова и Филип Симоновски.

Оваа изложба не само што ни ја гради културата и развојот на уметноста, исто така испраќа една топла и силна порака за поддршка и умеење, вели Ангела Чингоска, специјален едукатор и рехабилитатор во здружението „Во мојот свет“.

Овие деца, покрај гласот што го имаат во себе, преку боите, преку разните форми можат да ни го донесат нивниот свет надвор, за и ние малку да земеме дел од тој свет. Преку изложбата се испраќа исто така една силна порака дека е многу важна поддршката. Многу е важно она што ние можеме нив да им го дадеме, меѓутоа и тоа што тие можат нас да ни го дадат. Така што ова е еден чекор, можеби дека точно во секој од нас лежи некој уметник или секој од нас може да го достигне максимумот и да има некое професионално ниво, дали преку уметност, преку цртање или преку своите индивидуални способности. Така што ова е една силна порака која ни носи поддршка на различноста, а од друга страна и можност да влеземе малку и ние во нивниот свет, посочува Чингоска.

Ана Марија Циглињак Симоновска, мајка на тринаесет годишниот Филип Циглињак Симоновски, дете со аутистичен спектар и еден од авторите на делата, вели преку сликите ги прикажуваат мислите и чувствата.

Почна релативно рано да слика. На подарок доби едно малечко платно и неколку бои. Се убеди да слика и ни испадна нешто многу убаво. Му дадовме шанса, го поддржавме, купивме уште едно платно, потоа следеше уште едно. Тоа беше пред неговата девета година, за да на деветтата година точно ја има неговата прва самостојна изложба. Сликањето за него претставува начин на експресија, затоа што не секогаш лицата во аутистичен спектар имаат можност да се искажат, односно вербално да доловат што тие во моментот чувствуваат. За сметка на тоа, сликите како начин на експресија на емоциите се тука да ни покажат што всушност едно дете може да мисли, да чувствува и да размислува.

Изложбата се одржа во Младинскиот Центар Охрид во организација на здружението „Во Мојот Свет“. Претходно беше поставена и во неколку градови низ Македонија. Истата се реализира во рамки на проектот „Огледала на мојот свет“, поддржан од Владата на Швајцарија имплементиран од Хартефакт Фонд.

Фото галерија:

„Приказни раскажани преку уметност“

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска