Каубојци, бетмени, пеперутки, принцези, гусари, мускетари, се дел од  маските кои денес ги облекоа најмладите во детските градинки, но и основците кои 1- ви април, Денот на шегата го искористија за барем на еден ден да станат нивниот омилен лик од приказните и цртаните филмови.

Априлијадата традиционално, со песнички и игра  се одбележа во сите објекти од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“. Во програмата учество зедоа сите дечиња згрижени во градинката- од јасли па се до децата од поголемите групи.

–    Задоволството е поголемо што  од година во година и родителите се повеќе се вклучуваат во одбележувањето и се поинтересно ги подготвуваат костимите на нивните деца. Во почетокот, кога почнавме со одбележувањето на Денот на шегата беше поскромно, неколку деца носеа маски од дома, а  другите ние ги подготвувавме. Со тек на време традицијата се пренесе  и во домовите, сега имаме поголема соработка со родителите и може да видиме најразлични и убави костими, вели директорката на градинката, Марина Петроска Тодороска.

Весело и распеано беше и на градскиот плоштад каде Денот на шегата го одбележуваа најмладите основци од училиштата од Охрид.

OhridNews