Рекорден број тркачи -10 500, зедоа учество на 36. Белградски маратон, што се одржа денеска низ улиците на главниот град на Србија.

Меѓу нив и педесеттина охриѓани, љубители на трчањето, рекреативци, како и членови на АК Охрид трчаТ, кој изминатите три дена го промовираше претстојниот атлетски митинг покрај Охридското Езеро.

Се трчаше на 42, 21, 10 и 2,5 километри. Охриѓани зедоа учество на полумаратонот, 10К и најкратката трка која привлече голем број рекреативци, меѓу кои беа и најмладите членови на АК Охрид трчаТ, како и перспективен млад триатлонец од Струга.

Во исклучителна конкуренција, на трката на 10 километри, охриѓанецот Тони Цветкоски го освои високото 7 место со време 40.36 мин., што претставува извонреден резултат. Цветкоски е член на АК Охрид трчаТ и дел од организациониот одбор на “Peshtani extreme vertical”.

Сите охриѓани кои се појавија на старт, ја завршија својата трка. Дел од нив поставија лични рекорди.

Најдраматично беше на маратонската трка, на која гужвата во финишот ја искористи Мароканецот Шакиб Лашгар, кој триумфираше со време 2.14.32 часа, пред фаворизираните кенијци Френсис Чериот и Кипроп Лимо.

На полумаратонот доминираа кенијските атлетичари. Во машка конкуренција победи Бернард Вамбуа со време 1.04.04 ч., додека кај жените најбрза беше Лидија Џебичи со време 1:11:30 ч., што е нов рекорд на Белградскиот маратон.

Покрај атлетскиот викенд Охрид трчаТ кој годинава ќе се одржи од 2 до 4 јуни, на иницијатива на почесниот конзул на Република Србија во Охрид, Мишо Филев, кој го овозможи настапот на охридските тркачи од АК Охрид трчаТна Белградскиот маратон, деновиве во српската престолнина интензивно се промовираа и потенцијалите на Охрид.  Во тек е и иницијатива за збратимување на Охрид со Белград, а на претстојното издание на Охрид трчаТ се очекува учество на голем број тркачи од Србија.

Фото галерија:

Белградскиот маратон во знакот на рекорди и драмата на 42К

Г. Момироски