Бројни вработени во подрачните единици на министерствата и од локалната самоуправа, претпладнево со аплауз го дочекаа новиот градоначалник д- р Никола Бакрачески кој денеска, по врачувањето на уверението од страна на Општинската изборна комисија, го започнува четиригодишниот градоначалнички мандат.

Бакрачески во градоначалничкиот кабинет, каде во наредните години ќе ги извршува своите секојдневни обврски како градоначалник , беше дочекан од страна на досегашниот прв човек на Охрид, Александар Петрески со кого испија заедничко кафе. 

Како што рече градоначалникот Бакрачески, со Петрески размениле мислења околу случувањата во текот на изборната кампања, за обврските кои ги имаат општина Охрид и јавните претпријатија, функционирањето на локалната самоуправа и предизвиците со кои ќе се соочува новиот градоначалник.


По кафето со Петрески, Бакрачески го имаше и првото обраќање до медиумите како градоначалник на Охрид.

Нагласи дека предизвиците со кои во наредните четири години ќе се среќава градот Охрид и граѓаните се сериозни и дека ќе треба време за да се решат, за дел од нив ќе бидат потребни неколку месеци, години, а за некои од нив можеби и повеќе од еден мандат.


– Јас неколку пати кажав дека чекорењето по патот на успехот и решавањето на предизвиците ќе биде долго и нашето искачување како локална самоуправа ќе биде стрмно. Добиените 21.004 гласови се одраз на една голема победа на граѓаните на Охрид, одраз на она што тие го препознаа во нашата опција како реалност и издржливост, одраз на нивното препознавање на квалитетот и капацитетот- проектите кои ги понудивме дека ќе ги реализираме. Во исто време беа и одраз на револтот кон досегашното работење на локалната самоуправа. Колку е послатка и поголема победата, толку е и потешка одговорноста. Граѓаните очекуваат промени и да го реализираме ветеното,  рече градоначалникот Бакрачески.

При тоа, Бакрачески побара од охриѓани да дадат ветување дека ќе чекорат кон иднината на Охрид.

Т.К.
фото: Емилио