Бродот „Галеб“ кој пред речиси 50 години е донесен во Охрид од Унгарија и всушност е речен брод, деновиве е на суво. Извлечен е со крмата на брегот кај каналот. Работници од АМАК СП, фирма сопственик на бродот интензивно работат на комплетен ремонт на пловилото. Во краток разговор ни откриваат дека овој „старец“ ќе добие нов лик. И не само тоа туку и нови мотори, нови елиси и комплетно нова внатрешност (не ни дозволија да фотографираме внатре).

Се спомнуваат нови седишта од најфин материјал (капацитетот ќе се зголеми на 300 патници), потоа плазма телевизори, најново озвучување, шанкови итн. Бизнисменот Венко Шапкар пред една година го купи „Галеб“ со наддавање за 122.000 евра, а сегашната реконструкција која ќе трае веројатно 2-3 месеци ќе чини тројно повеќе. Наводно, бродот за следното лето е веќе резервиран од американски туристи, а можно е да плови и на редовна линија (се спомнува линијата Охрид – Поградец како можност) и нормално Охрид – Свети Наум.

С. Костоски