Во прекрасниот амбиент на манастирот „Св. Недела“ во селото Оровник, Општина Дебрца, синоќа се одржа свечена промоција и проекција на филмот „Приказна за една охридска свадба“, како и презентација на проектот „Светлина на верата“, реализирани од учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид.
Проектите се изработени со поддршка на Општина Охрид и Општина Дебрца, а ментори на младите автори се професорките Маја Цветанова Терзиоска и Андријана Паскали.
Пред бројната публика беше претставен филмот кој ја оживува богатата традиција и обичаи поврзани со охридската свадба, додека проектот „Светлина на верата“ ја истражува духовната и културната вредност на православното наследство во регионот.
Настанот беше збогатен со богата културно-уметничка програма во која настапија млади уметници, музички и играорни групи, како и музички ветерани. Посебен впечаток кај присутните остави младиот Лео Нелоски, кој со својот настап и интерпретација беше награден со силен аплауз од публиката.
На свеченоста присуствуваа Неговото Високопреосвештенство Митрополитот дебарско-кичевски Георгиј со дел од свештенството на Дебарско-кичевската епархија, градоначалникот на Општина Дебрца Златко Сиљаноски, секретарот на Општина Охрид Александар Китески, како и бројни гости, ученици, професори и жители од регионот.
Настанот уште еднаш ја потврди важноста на вложувањето во младите и нивното активно вклучување во зачувувањето и афирмацијата на културното и духовното наследство, преку проекти кои ги поврзуваат традицијата, образованието и современиот креативен израз.
Фото галерија:
Во манастирот „Св. Недела“ во Оровник промовирани филмот „Приказна за една охридска свадба“ и проектот „Светлина на верата“
OhridNews





























