Велигден е најголемиот христијански празник, кој ја означува победата над смртта, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Овој празник во суштина претставува спој на верата и традицијата негувана од дамнина. Велики Петок, пак, се смета за најтежок празник. Тоа е денот кога Исус бил фатен, мачен и распнат на крст.

На Велики Петок или распет петок, од рано утро во празвославните храмови во Охрид беше извадена плаштеницата која го симболизира христовиот гроб, на која што е изобразен, насликан или извезен, Христос положен во гробот каде го оплакува неговата мајка. Голем број верници денеска ја посетија црквата Св. Никола во Долна Влашка маала и поминуваа под плаштеницата, традиција што одамна се негува кај нашиот народ.

На Велики Петок не бијат кампаните. Тој е тажен ден кога се оплакува смртта на спасителот. Согласно црковните канони, денешниот ден е строг пост.

Утре е Велика Сабота, кога на полноќ кон недела ќе биде соопштена радосната вест за воскресението Христовo.  ите оние кои се подготвувале со пост за соединување со даровите Христови, после литургијата која се служи во недела длабоко во ноќта или од изутрина ќе се причестат.

OhridNews