Во рамки на свечесностите по повод празникот Св. Климент Охридски, денеска беше промовирана книгата „Охридска писменост“ од проф.д-р Димитар Пандев, а во музејот Робевци беше отворена исклучително значајна етнолошка поставка на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, во рамки на која се изложени вредни артефакти од археолошките наоѓалишта во градот, како и богато културно наследство од животот на Охрид во минатото.

Музејот – Куќа на Робевци од денес ширум ги отвора своите порти за сите граѓани, туристи и посетители на Охрид. И од денес, Музејот, кој во Куќата на Робевци егзистира од далечната 1950 година како Народен Музеј, продолжува да живее со целосно обновен ентериер и осовременети поставки, истакна директорката на НУ Завод и Музеј Елеонора Новаковска.

Реновирањето на Музејот траеше неколку години, се одвиваше во повеќе фази како дел од еден поголем проект финансиран од страна на Министерството за култура, период во кој Музејот беше затворен за посетителите.

Во текот на минатата година се отпочна со реализација на проектот за осовременување на археолошката поставка, а оваа година го реализиравме проектот за осовременување на етнолошката поставка, која всушност и за прв пат се поставува во Музејот, но можам да кажам дека токму тука е нејзиното вистинско место, во овие преубави одаи и во овој објект е нејзиниот дом каде и вистински припаѓа. Во приземјето на Музејот може да се види изложбата насловена „Софрата во Охридските ќилими“ и дел од изложбата на фотографии. Во овој простор се организираат времени и периодични изложби, во најголем дел во летниот период, но просторот кој е на скалило-две од улицата „Цар Самуил, нуди можност да заживее и да биде место каде ќе се организираат и други настани или презентации. – рече Новаковска.

Археолошката збирка на Завод и Музеј Охрид е една од најбогатите во Македонија, а во поставката се изложени најрепрезентативните наоди од Охрид и охридско, кои се поделени тематски и по различни периоди, почнувајќи од праисторијата, преку раната антика, македонско-хеленистичкиот и римскиот период, доцната антика, па се до средниот век.

Почувствувајте ја моќта на историјата, на културата и уметноста, моќта на нераскинливата нишка на животот. Застанете за миг и почувствувајте ги радоста и воодешувањето на генерациите археолози, кои сите овие предмети ги донеле на светлината на денот, тука, пред сите нас и оддадете им признание ним и на вредните раце на конзерваторите. Влезете и во златната соба, тој мистичен простор каде се изложени златните предмети од сите досегашни археолошки истражувања на овие простори, вклучително и последните истражувања на Плаошник, Горна Порта и Самуиловата Тврдина. – истакна Новаковска.

Во моментов дел од наодите се отстапени на Археолошкиот музеј на Македонија, каде наскоро ќе биде отворена големата изложба 100 години од златото во Требеништа, во соработка со Белградскиот и Софискиот археолошки музеј.

Оваа година, во Музејот – Куќа на Робевци за прв пат се отвора постојана етнолошка поставка. Тука се изложени експонати од 19 век, карактеристични облеки, накит, покуќнина и предмети за секојдневна употреба, сместени во автентичен амбиент.П очувствувајте ја топлината и мекоста на кадифето од облеката Ала Турка, слушнете го таинственото шушкање на свилата и тантелите од облеката Ала Франга. Рачно изработениот филигрански накит, кој ја надополнувал оваа облека, верувам дека нема да ве остави рамнодушни со прецизноста и префинетоста во изработката на деталите, истакна Новаковска.

Приказната за животот од предминатиот век не би била целосна без рачните изработки од конец и ткаенини. Замислете, колку само време, вештина, имагинација и љубов им требало на тогашните домаќинки, само со игла или чингелаке и конец, да создадат преубави парчиња со кои се декорирала покуќнината. Какви ли мисли, шепотења, воздишки и смеа… се вткаени во чеизот што мајките го подготвувале за своите ќерки. Од ковчезите можат да се почувствуваат сите миризби, топлина, љубов и внимание, спомени, сите желби и надежи, кои преку чеизот се пренесувале од една генерација на друга, од баба на мајка, од мајка на ќерка… потенцираше Новаковска..

Во една од просториите на Музејот може да ја доживеете и топлината и интимноста на селската одаја. Тука е софрата со малечките триножни столчиња околу која се собирало семејството, софрата на која замирисувал свежо испечениот леб, тропкал рачно изработениот прибор за јадење, додаде Новаковска.

Изложбата на НУ Завод и Музеј Охрид е поставена на сите нивоа во куќата на Робевци во стариот дел на градот.