Здрави животни навики, успешна промоција и еколошки и економичен транспорт беше пораката која ја испратија учесниците на третото издание на „Вози велосипед, уживај и прмовирај“ во организација на Здружението за едукација, култура и младински активизам „Граѓански Интегритет – Охрид“, а со поддршка од Општина Охрид и во соработка со СОСУ „Св.Кирил и Методиј” и локалната бизнис заедница.

Целта на овој настан не бара многу објаснување „Вози велосипед, уживај и промовирај“, подразбира дека додека возиме, уживаме и живееме здрав живот, а истовремено испраќаме важни пораки – за еко-транспорт, за здравје, за заедништво и за поодржлива иднина. Како претставник на младите, мојата желба е преку вакви настани да научиме нешто ново и иновативно, да се поврземе едни со други и заедно да покажеме дека вистинската промена започнува на велосипед – преку радост, движење и грижа за заедницата, рече Теодора Спироска, ученик во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.
Некој од вас денес помислува дека дошол на некој спортски настан. Можеби некој од вас помислува дека дошол на некој бизнис настан или економски настан. Можеби некој од вас помислува дека денес дошол како учесник на некој урбан велосипедизам. Верувајте, сите тие три димензии ги споивме во едно, токму преку овој проект, проектот којшто нуди здрави животни навики, успешна промоција и еколошки и економичен транспорт, рече во обраќањето пред присутните професорката Весна Карамитре, од Здружението „Граѓански Интегритет – Охрид“.
Повик до претставниците од локалната самоуправа да поддржат вакви и слични иницијативи, затоа што, верувајте дека би се радувала доколку во иднина не зборуваме повеќе за поправање на улици и такви работи, тоа веќе да го надминеме, само да зборуваме за велосипедски патеки, еколошки начин на живот и здрав начин на живот. Апел до бизнис заедницата, исто така и благодарност за поддршката сето ова време и еве и еден апел и до нив, до нивните вработени – да преферираат возење на велосипед, а со тоа и успешно можат да ги испромовираат своите фирми. Апел до младите, им благодарам од срце и им посакувам во иднина да едноставно ги продолжат ваквите иницијативи, да бидат амбасадори на еден здрав начин на живот, еколошки начин на живот. А пак претставниците од економското училиште, слободно понатаму исто ова да го трансформираат и да го преточат во една успешна бизнис идеја, додаде Карамитре.

Како училиште, веруваме дека соработката помеѓу образованието и бизнис заедницата создава нови можности за учење, развој и промоција на одржливи идеи, додаде Јанкоски.
Драгана Карашова од иницијативата „Збогум Буково“ изрази голема благодарност што со „Училиште без пластика“ се дел од овој настан, потенцирајќи дека нема ништо поважно од тоа да се пренесе пораката и да се живее таа порака дека велосипедот и возењето на велосипед – не само рекреативното, туку во урбаното живеење – е можеби единствениот начин на којшто можеме да се заштитиме од сите предизвици со загадувањето, наједноставен начин.
Моментално Охрид има 11,4 километри велосипедска инфраструктура од велосипедски патеки, од коишто повеќето се наоѓаат на коловоз, слабо обележани со избледена боја. Многу е важно да градиме култура, т.е. ние како граѓани да бараме, да има побарувачка на тоа да се изгради безбедна велосипедска патека, да се изгради и поврзана велосипедска патека, затоа што Охрид е велосипедски град. Овде е уживање да се вози велосипед. 50% од сите возења со автомобил или патувања што се земаат со автомобил на светско ниво се помалку од 5 километри. Во Македонија, особено во Охрид, претпоставувам дека тоа е поголем број, што значи дека наместо да возиме велосипед, ние се качуваме во автомобил. Но, предусловите мора да бидат овде и се надевам дека сѐ поголем број на охриѓани ќе бидат на велосипед, а ова е еден начин да се пренесе таа порака и за најмладите и за оние коишто одлучуваат, додаде Карашова.
Како претставници на бизнис заедницата, со задоволство поддржуваме вакви настани кои претставуваат пример за иновативен и креативен маркетинг, рече Дафина Стефаноска, претставник од Халк осигурување.
Веруваме дека велосипедот може да биде не само економично и еколошко превозно средство, туку и ефикасен начин за промоција на компаниите и нивните производи и услуги. Преку ваквите иницијативи сакаме да ја поттикнеме свеста кај нашите вработени за почесто користење на велосипедот во секојдневниот живот, како придонес кон поздрав начин на живеење и поодговорен однос кон животната средина, додаде Стефаноска.

Фото галерија:
„Вози велосипед, уживај и промовирај“
Н.С.Ј.
фото: А. Момироска
































































