Кога историјата се случува пред објективот, потребни се знаење, чувство и вистински момент за таа да остане запаметена. Токму тоа го направи младата охридска фотографка Анамарија Момироска, чии фотографии од европскиот триумф на ГРК Охрид деновиве ја обиколуваат Европа.

Во преполната сала „Билјанини извори“, во вечер која засекогаш ќе остане запишана во спортската историја на градот, ГРК Охрид ја освои титулата во ЕХФ Европскиот куп, а зад дел од највпечатливите кадри од шампионската ноќ стои токму Анамарија Момироска – фотограф на Охридњуз и официјален фотограф на клубот.

Нејзините фотографии од натпреварот и славјето по победата над МОЛ Татабања беа објавени и на официјалните платформи на Европската ракометна федерација, носејќи ја приказната за Охрид далеку надвор од границите на Македонија. Емоциите на играчите, солзите радосници, експлозијата од среќа на трибините и моментот кога европскиот пехар пристигна во градот покрај езерото, преку нејзиниот објектив добија трајна вредност.

Во меѓувреме, фотографиите објавени на официјалните страници на ГРК Охрид и Охридњуз бележат стотици илјади прегледи и голем број преземања, што дополнително ја потврдува нивната документарна и медиумска вредност.


Анамарија Момироска е меѓу ретките фотографи во регионот кои професионално и континуирано работат на спортска фотографија. Последните години таа е присутна на најзначајните спортски, културни, политички и туристички настани, градејќи препознатлив авторски стил кој спојува динамика, емоција и раскажување приказна преку фотографија.
Нејзиниот професионален ангажман одамна ги надмина локалните рамки. Таа е официјален фотограф на Охридскиот пливачки маратон, Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, „Самер комеди маратон“ и бројни други настани кои го обликуваат современиот живот на градот.
Но, можеби токму фотографиите од европската титула на ГРК Охрид најдобро ја покажуваат суштината на нејзината работа. Додека ракометарите испишуваа спортска историја на теренот, Анамарија создаваше визуелна хроника на еден од најголемите моменти во поновата историја на Охрид.
Некои победи траат една вечер. Добрите фотографии ги прават вечни.
OhridNews














