Вечерва, со почеток во 21 часот во црквата Света Софија во рамки на фестивалот Охридско лето ќе се оддржи Француска вечер, на која ќе настапи квартетот „Ардео“ од Франција, составен од Оливија Хјуз – виолина, Карол Петитдеманж – виолина, Леа Боеш – виола и Жоел Мартинез – виолончело.

На програмата се дела од : Хајдн, Моцарт, Дворжак.

Квартетот „Ардео“ е формиран во 2001 година на Парискиот национален конзерваториум за музика и драма и денес е еден од најреномираните француски камерни ансамбли. Совршената уметничка цврстина на Ардео се потпира врз хармоничноста меѓу членовите и нивната посветеност на заедничкото музицирање. Бројните меѓународни награди се доказ за извонредните квалитети на ансамблот.„ Ардео квартет“ настапувал во престижни сали и фестивали низ Европа, а неговите членови имале привилегија да настапуваат на истата сцена со престижни музичари како: Давид Кадоух, Владимир Менделсон, Евгениј Корољов, Марио Брунело, Кристоф Рихтер и многу други. Интересот на ансамблот за современата музика им овозможи соработки со композиторите Џонатан Харви, Каија Сааариахо и Едит Канат де Чизи. Нивниот прв компакт диск, издаден во 2007 година стекна позитивни оцени од меѓународната критика.

Концертот е  поддржан од Охридска банка Социете Генерале Гроуп, Францускиот културен центар во Македонија и Амбасадата на Република Франција во Македонија.

OhridNews