Природа од која застанува здивот, бисери и скапоцени камења, здрава храна и богато културно наследство. Ова се само некои од причините поради кои треба да се посети Македонија, пишува познатото француско списание „Ел“.

Магазинот под број еден им порачува на туристите да отпатуваат во Македонија за да бидат авангардни.

-Оваа мала земја во срцето на Балканот, непозната и затскриена, навистина вреди да се посети. Еве и зошто. Македонија е сж уште непозната дестинација за туристите. Идеална е за оние што мислат дека виделе сж, дека испробале сж, кои ќе откријат една мала земја полна со скриени адути – пишува „Ел“.

Во Македонија, како што се додава, пејзажите се преубави, а природата недопрена. Три национални парка, педесетина езера, зелени планини, сето ова ја прави мал рај на земјата, екосистем кој овозможува да се набљудуваат ендемски видови.

Места што не смеат да се испуштат, сугерира „Ел“, се кањонот на Матка, Охридското Езеро (најстаро и најчисто во Европа), Националниот парк Пелистер (заради мечките и рисовите во него), регионот на Маврово.

– Охридските бисери се прават од крлушки на школки и риби, а нивната изработка е сж уште доброчувана тајна. Се шушка дека Леди Ди ги обожавала. Македонија е исто така единствена земја во Европа во чија почва се кријат рубини со розова боја на малина. Малку познати и ретки, тие се изработуваат некаде од 50-тите години наваму – наведува „Ел“.

Во однос на здравата храна списанието се осврнува на обилните органски мезиња, питите со спанаќ, сирењата и ајварот, специјалитетот од црвени пиперки. Вината во однос на квалитетот и цената, посочува магазинот, се ретко видени на друго место, особено „александрија“, пет евра шише. „Ел“ пишува и за богатото културно наследство.

– Последователните окупации, Грци, Римјани, Словени, Турци… му имаат оставено печат на овој регион на Балканот. Оваа шареноликост и овие влијанија се забележуваат кај културно-историските споменици, православни манастири, византиски цркви, отомански џамии, амами и анови, кои ќе ги воодушеват страсните љубители на стари камења – стои во написот.

Споменици што треба да се посетат, според „Ел“, се манастирот „Свети Пантелејмон“ во Охрид, Шарената џамија во Тетово, археолошкиот локалитет Хераклеја, Старата турска чаршија во Скопје.

Текстот завршува со објаснување како посетителите може да стигнат до Македонија, со директна авионска линија Бове – Скопје на компанијата „Визер“. Повратниот билет чини 50 евра.

OhridNews

Извор:„МИА“